39. Во мисла

Нејзе ѝ е во мисла тој
зашто сè уште не успева
да се ослободи
од пајаковата мрежа;
иако веќе не стои
исправен среде круг,
туку се заедно во нов
на врв
на стрмна планина.

Нему му е во мисла таа
зашто сè уште не успева
да ја ослободи снагата
од црнината
која многу ѝ одзема
од убавината,
еднакво од љубовта.

Обајцата ми се мене
во мисла
дека нивната врвица
до врв
никој друг никогаш
нема да ја изодува,
па ќе останат сами
среде
новиот нивен врв
со пајакова мрежа
и во црнина;

на ведра синевина,
на родна сончевина,
меѓу спокојни ѕвезди,
меѓу четирите мени
месечеви

постојани, неменливи.