49. Нејзина за трага

Не мислев да оставам своја трага
во земја, на небо или во бескрај,
особено не за траење во паметење
на потомство што во црнина ме зави
безживотна, млада, со свената снага.

Каква моја трага кога тага на ветар
не ѝ даваше ни на свеќа да догори,
камо ли што било од мене живо
да остане негибнато до некогаш
како постоење битно и несомнено.

Не мислев ни дека тој без мене
во пајакова мрежа исправен
среде круг ќе остави своја трага
дека без престан се обидувал
да ја раскине, да биде слободен.

На нашиов врв јас сè уште не знам
дали тој каков било знак ќе остави
по себе во земја, во стена, на небо,
во збор или во бескрајна тишина
бар како своја трага неодгатлива.

На врвов јас сега добро знам
дали трагава што ја врежуваме
заедно во земјава, на небосводов,
каде било во бескрајов
ќе остане времена, а недокажана.

Мислам дека е сосем сеедно
ако не остане ништо од нас
како трага на живот благодатен,
а ако нашево траење во спокој
го достаса некој знаен, незнаен,
силен, бестрашен, доблесен,
недопирлив и неповредлив.