31. Кој бев јас?

Не се прашувам јас кој бев,
туку мене ме прашуваат
еден ветар северен и силен
што брише сечии траги,
едно дрво вековито
во стена вкоренето
и парче плодна земја
среде пустелија.

Не им одговарам оти знам,
а ги оставам во моите
години живот одживеан
под ведро небо,
меѓу мое сонце, мои ѕвезди
и моја постојаност,
да се прашаат важно ли е
моево постоење
во паметењето на народи
кои допрва треба да бидат
народ во жив свет.

Јас само знам дека бев
и сè уште сум
еден што некогаш мигум
ја преживува минливоста,
но секогаш стои стамен
пред изгреви и залези
на секој неодмолчен збор.