114. Последно збогување

Ова е негово последно збогување. Болно, безнадежно, па и бесцелно.

Првите неколку му беа на средни години, со неколкумина колеги и пријатели кои заминаа во Канада и Австралија зашто во земјава не им се ценеа стручноста и способноста, па со нив не можеа да обезбедат пристоен семеен живот. Потоа следеа неколку со постари ближни, кои заминаа од овој свет по брзи и неизлечиви болештини. Па од млад ближен кој загина во сообраќајна несреќа, превртувајќи се и паѓајќи со него во провалија.

Последното пред ова последно збогување му се случи пред четири дена. Со неговата друшка, по педесет и осум години заедничка живеачка. Беше болешлива, долго гаснеше и угасна како помирена со смртта.

Остана сам на своето мало парче плодна земја, опколена со неизорани ниви, рамнини обраснати со трње и голи ридови. Никој ни близу ни далеку од него. Немошен. Каде таков? До никаде. До кај што ќе го донесат нозете, до кај што ќе премали од одење.

„Збогум куќарко моја. Збогум земјичке моја. Збогум огниште мое“.

Ја замандали портата, ги нарами дисаѓите и тргна потпирајќи се на бастун.