107. Зборење

Не е единствен што го слушам случајно на разминување, кога одам во чекор со него или го следам бесцелно. Напротив, во градов среќавам сѐ повеќемина како него. Што е секако за чудење, може и за загриженост, ама јас имам други преокупации.

„Ова вака веќе не може. Мора да престане. Мораме да запреме и да почнеме одново. Сите заедно, сите како еден. И да не чекаме некој да ни застане на чело, да нѐ поведе.  Знам дека е тоа најтешко, ама нема друго. Не можеме да се самоорганизираме? Е, па тогаш ни нема спас.

Секој сам може уште некое време. И јас. Гладен, жеден, бос, гол. Нема проблем. Ама колку може? До кога?“

Човекот збори сам со себе. Можеби постојано. Не знам.