122. Ти пизмиш?

Двајца на разминување. Едниот во години, другиот млад возрасен.

Едниот во години:

-Запомни што ќе ти речам, млад човеку. Пизмата го јаде човекот однатре исто како `рѓата железото. Бавно, дури ненасетно. Дури не го пресече наполу, не го прекрши, не го разболи неизлечиво. Затоа меѓу најважните нешта во животот е без престан да ѝ се опираш на пизмата. Сеедно од кого иде, од близок ли е или од далечен…Ти пизмиш?

Се чуди другиот млад возрасен:

-Јас?! Никогаш и никого! Се чудам колку брзо се множат кои пизмат и држат пизма. Како со неа да си го бранат егото.

Едниот во години повторува:

-Пизмата го јаде човекот однатре исто како `рѓата железото. Опирај ѝ се.