118. Реки и река

Еден мудар пријател во години:

„Секој град треба да е на две реки, а може и на три ако расте, се шири без престан, ако се населува незапирно. Една матна и отровна, една бистра и чиста. Ако е и на трета, таа би требало да биде со питка вода од извор до влив. Матната и отровна река треба да тече на работ од градот, да биде голема, брза и на одредени растојанија да се прочистува со пречистителни станици. Бистрата и чиста треба да тече среде градот, нејзините брегови да бидат градски плажи, а во нејзиното корито фонтани и секакви други содржини што го изразуваат пулсирањето на нејзиниот живот. Третата, пак, е за напојување на граѓаните, за нивното здравје. Тие ѝ возвраќаат со внимание, грижа, па и одбрана од какви било зловремиња, злодејанија, злокобности и злонамерности“.

Живеам некако во град со една река што тече среде и го дели на два исти дела. Матна, отровна, смрдлива и не се пречистува. Како воздухот.