9. Една слободна мисла

Никој неа не ја прашува
што ѝ се случило,
ниту што ѝ се случува
додека си пробивала пат,
додека си пробива пат
низ заробени предели
и расфрлани коски
на предци кои до смрт
молчеле преживувајќи
знајни и незнајни
од туѓини зловесни
премрежија;
слушајќи онемени
благозвучни спевови
за јунаштво безмерно
во битки со закрвени
воини на бесчестието.

Си пробивала пат,
си пробива пат
една слободна мисла
родена на изгрејсонце
што ја води кон врв
на до небо извишена
планина,
вековита, исконска,
со вечен оган во срцето,
со извори кои
бликнуваат од карпи.

Скоро ќе созрее таа,
скоро ќе се вкорени,
скоро ќе се разграни,
скоро ќе процути,
па од свое семе
ќе роди своја потомка.

Потоа ќе научат
да ја пеат како водилка
птици преселници
и ќе ги преселат во питомина
прелетувајќи смртни дивини.