7. Гревови

И мали и големи гревови
натрупала свест во свет
разделен меѓу војски
што крвавеле смртно
додека не се обѕидале
со непробојни
и непрелетни бедеми.

Не го разделија
живите и мртвите воини
кои никако да узнаат
што им се случи,
што им се случува;
до толку меѓусебно
да не можат ни на сон
да пронајдат макар зрно
плодно во пустелија
што заедно надежно
ќе го заживеат слободно,
непокорно ќе го вкоренат,
па ќе го извишат над сѐ
безначајно, заборавно,
и ќе збираат
узреани плодови.

Го разделија светот
меѓу војски заглодани,
закрвени, запизмени
секакви облаци,
далечни и блиски молњи,
огнени стрели и мечеви,
предводници омоќени,
бездомни, безжални,
неумни и неуки.

Минаа, поминаа сите,
војските ги подзаборавија,
свеста ги покри
со пајажина на мрачнина,
во свои агли за гревови
лични, непростливи.    

Наеднаш, преку ноќ,
по бесмислена ноќ
од никаде надојдоа
матни води,
со сѐ и сешто фрлено,
отпадно,
од животот отфрлено.

Просто е невозможно
да се преплива,
да се надмине,
да се премине од еден
во друг свет;
војските кога-тогаш
да излезат од бедемите
непробојни и непрелетни
со кои се обѕидале,
кои ги разделија
живите и мртвите воини.

Можеби за век и веков.