43. Срцевина

Една е срцевината во коски
човечки
и во дрвја со корени
вековити;
во која животот најнакрај
згаснува,
дури откога зрак сончев
зајдува
за никогаш и никаде повеќе
да не изгрее.

Малкумина живи
го согледуваат тоа,
го доживуваат во миг
кога преживувањето
за нив
веќе нема никаква смисла
или цел.

А на малкумина им успева
да допрат до неа,
камо ли да ги сознаат
нејзините времиња
минати и сегашни.

Во срцевината на коските
човечки
и дрвјата со корени
вековити
секогаш има знаци
на предци
кои заедно или засебно
опстојувале пред налети
на орди бездушни,
за крв, за живи рани,
за смрти жедни,
на ѕверови ранети од глад,
од мразнина,
од скитања низ пустелија
излудени.

Срцевината на коските
на моите предци
и на моите дрвја со корени
вековити,
што ми се за потомци,
во која животот најнакрај
ќе згасне,
дури откога зрак сончев
ќе зајде
за никогаш и никаде повеќе
да не изгрее,
е суштествена за спокојот
на моето срце.