33. Чекори

Не еден, а многу први чекори
правев додека одев незадржливо
кон свои мали и големи цели
низ постоењето,
сѐ до рамнотежата помеѓу
мојот простор и моето време.

И ниеден не ми бил лесен,
туку кој од кој потежок,
ама стамен, ама докажан,
ама препознатлив
како непоколеблив.

Секогаш кога го промислувам
моето чекорење
низ минливоста на занесот
и неизвесноста,
никогаш не наоѓам одговор
на прашањето зошто, како,
од каде, до кога
ниеден мој прв чекор
не продолжил во втор, во трет,
во недоброј по него.
Можеби оти биле први?

А од друга страна, пак,
на моите мали и големи цели
низ постоењето,
сѐ до рамнотежата помеѓу
мојот простор и моето време,
сум стасувал со судни маки!

Некогаш помислувам
дека тие биле такви зашто,
како што паметат ближни
сѐ уште живи,
првиот при проодување
сум го направил
по будење на Сонцето
во ненадејно невреме.