3. Две мои врвици

Баш одовде, од оваа
шилеста карпа
тргав живот од животот
по врвица стрмна, тесна,
кривулеста;
што го завршив на врв
огнен, до небо извишен.

Не ми кажувајте,
не ме убедувајте
дека ја нема,
дека времето мое
ја избришала,
дека јас сум ја исчезнал
за никој друг без мене
во мене да не се обиде
да ја искачи.

Само ја покриле
трње, коприви, корења
надземни,
само ги сокриле
моите голи коски
по смрти што
сум ги преживеал
сосе болештини кои
на други им биле
неизлечиви,
а мене ми беа минливи,
крајпатни .

Сега тргам живот
од животот
по врвица сосем нова
што ја направив
наспоредна со неа
не до друг врв огнен,
до небо извишен,
ами до мој извор
непресушен
што го сокрив од секое
зломислие,
од сечие безумие
во времево кое одамна
веќе не е мое

оти е сал за една смрт
без дело и трага,
пустошна.