31. Срдба

Оставете го во спокој
тој оган што молњи
го родиле пред вас
за да не се роди срдба
во него
што ќе ја сопостави
на вашата.

Вие може не знаете
дека молњите знаат
точно каде да родат
ваков оган во спокој,
особено по суша
која распукала земја
ваша пред вас.

Најпрвин спокојот
му е природен
од мигот на раѓање,
додека молњи
го носеле, го чувале,
го сокривале
во своите срца
со намисла
да им ги здравее
раните, голите коски
и крвта
на воините по битки
против бедеми
без жива душа,
со нечујни гласови
оп стојни
во нивните темели.

По раѓањето
земјата ваша,
пред вас распукана
по суша,
ја благороди
со својот спокој
и не ѝ дава да стане
пустелија.

Не, нема да угасне
откога ќе се насели
во вас,
откога срдбата ваша
од вас ќе ја испади.

Молњите секогаш
ќе бдеат над него
за да не се случи
вие да го распалите
против огнови
родени од молњи
на мрачни, на живи,
на насилни облаци.