26. Безначајно

Пеплосани домашни огништа
по гаснење на последен живот
во запустен предел кој одамна
ги пресушил своите извори,
сите свои семиња, плодови,
сите свои корени.

Во него одамна стивнала
последната битка од борба
низ векови
за опстанок на живот
со дело и мисла слободни.

Само облаци со молњи
во вените, во крвта,
во срцата преуморни
од залудности,
само ветришта бездушни
меѓу празнини скажани
и на намерници прекажани.

Тој безначаен како секој
што минал низ него сам
без свој небосклон, бесцелен,
мигум скаменет да сведочи
за минливост на соништа
со огништа обградени.