24. Во мрачнината му

Во мрачнината му
се гледа себеси
само тој
каков што не може
ни да се замисли;
и како да нема
никој свој или близок
со кој може
што-годе да сподели.

А во неа има многу,
има недоброј
што му биле верни
и сѐ уште му се,
кои не можат
ни да се замислат
какви што можат
да бидат без него.

Во мрачнината му
тој и недобројните
со него
до толку се потонати,
до толку се обезумени
и до толку се ослепени
што би ги пеплосала
најслаба виделина
или нерамнотежа
помеѓу јавето, сонот,
надежта и јадоста.