23. Безвременското во нас

Ретко кој помислува на него
или дека го открил и сознал
додека откривал и сознавал
колку е човек меѓу луѓе
човек.

Кој помислува на него,
кој го открил и сознал
додека откривал и сознавал
како незабележливо
да се оддалечува од луѓе,
како тие да се обидуваат;
а никако не успеваат
да му се доближат.

На безвременското во нас
секидневно му одземаме
од суштественото;
постоењето во време кое
е независно и слободно
од чие било, друго, блиско,
знајно, таено, загадочно.

Безвременското во мене,
верувам во секој личен,
со своја мисла, свое дело,
со свој длабок корен,
со свое извишување
независно,
ја бранува крвта
и го продолжува
опстојувањето
како постоење на извор
со зрак сончевина
кој во него никогаш
не зајдува.

Јас и безвременското
најмногу внимаваме
никогаш да не сме
премногу близу,
а ни премногу далеку.

Затоа што животот
секогаш во нас почнува
и во нас завршува.