5. Исклучително

Се случи средба
неповторлива
меѓу две стени
грамадни
во мразен предел
вековит.

Се загледаа
една во друга;
не се препознаа,
како да беа
од различни светови,
ама не се разминаа.

Патиштата
не им се вкрстуваа,
ами им беа сосем
наспоредни,
речиси исти
надолж и нашир.

Ене ги уште таму,
во далечина;
сѐ уште загледани
една во друга,
сѐ уште без помисла
да се разминат.

Во нив намерници
си направиле свои
легала.