103. Ново однесување на самобитната сенка

Љуба сѐ повеќе се загрижува за однесувањето на нејзината самобитна сенка. Од  неодамна тоа е речиси сосема ново. Таа не е помалку или повеќе самобитна бидејќи самобитноста е одамна затврдена помеѓу нив. Сѐ помалку ја препознава како своја.

Какви било недоразбирања, спротивставености, па и мали непомирливости помеѓу нив секогаш се надминувале непосредно, неодложно и без никакво заобиколување.

-Што се случува со тебе, самобитна сенко моја? Напросто не можам да те препознам ни кога си со мене, пред мене или зад мене, ни кога мигум ќе се оддалечиш од мене. А добро знаеш дека никој во Прострел не може без своја сенка, сеедно колку е самобитна. Не може ни да опстои, камо ли да твори.

Самобитната сенка ја гледа право в очи, како да се премислува, па ѝ одговара:

-Се менува и сѐ побрзо се куси нашето време, Љубо моја. Зарем ти тоа не го забележуваш? Времето и нашето време, драга моја, ми го сменија однесувањето. Жалам што не си свесна дека и твоето кон мене се смени, речиси е сосема ново.

Љуба:

-Не разбирам.

Самобитната сенка:

-Сама велиш и јас знам дека никој не може без своја сенка, а сѐ помалку од времево дење и ноќе е наше. Белки не треба да те потсетувам дека јас во најголема мера зависам од светлината. Сеедно од кој извор е, сончева ли е или месечева. Ние сме сѐ понемоќни тоа да го сопреме.