98. Со воздив преуморен

На крајот ли стасал
човеков безимен
што издржал на  нозе
којзнае колку самости
со кои молчешкум,
скришно го обградиле?

Пред него бездна,
по неа пустелија,
зад неа голи ридови,
над нив огнени луњи.

Воздив преуморен
никако да успокои,
гради да не му разбие,
срце да не му распарчи.

Човеков безимен
се премислувa кон каде
да продолжи
прелетувајќи ја бездната,
скитајќи низ пустелијата,
искачувајќи ги ридовите,
поразувајќи ги луњите;
или назад да се врати,
во семињата и корените.

Не домислува оти не знае
до кога на нозе ќе издржи
со неговиов воздив
преуморен, а нескротлив.