135. Светол зрак

Не мислам дека е случаен
еден светол зрак
на моето небо
што се јавува мигум
секогаш кога запирам
на врвица што води
кон некое возвишение
на природата,
на нејзиниот релјеф
вековит.

Напротив, сигурен сум
дека е во секој мој чекор,
сеедно голем или мал,
сеедно брз или бавен,
енергичен или несигурен,
сеедно сал еден или дел
од мојот недоод
за кој знам дека ќе трае
сѐ додека ми се
во совршена рамнотежа
нужностите, потребите
и свеста за минливоста
на животот.

Еден светол зрак
на моето небо
ми се јавува мигум
секогаш кога запирам,
кога нема никој
ниту зад мене,
ниту пред мене
од будење до тонење
во длабок сон,
но и од воздив до издив
на мое создавање.

Не го догледува друг,
не го догледуваат други,
ама секогаш го докажува
своето постоење
сосе мојата мисла,
сосе моето завршено дело
сосе возбудата на секој

што ги открива,
што ги сознава,
најсетне ги прифаќа
како дел од својот свет
на достоинства и непокор.