37. Траење

Ако трае се менува
и ако се менува трае
сѐ што е од мене
пишано, недокажано
додека траам.

Признавам дека
сѐ што е од мене
само од мене зависи
дали нешто ќе трае
за да се менува
или дали нешто
во мене ќе се менува
додека трае.

Всушност, сите
што ме знаат добро
добро знаат дека
јас траам
додека се менувам
и ќе се менувам
кога не ќе можам
повеќе да траам.

Всушност, никој
од мене не знае
дека моето траење
зависи единствено
од менувањето
на моето време
според годините
и самоста во нив.

А моето менување
зависи единствено
од траењето
на моите години
според времето
и жизненоста во него.