52. Дребнави и стари

Предмети дребнави
и стари
на луѓе дребнави
и стари
одамна никому
не му се потребни за ништо,
особено не во опстој на сон
пред рано утро за будење
на рамнодушна тишина;
без звук, без збор, без глас,
без песна,
без ничија трага дамнешна,
а блиска.

Луѓе дребнави
и стари
со предмети дребнави
и стари
одамна собрани во круг
без нивни сенки
запалиле тивок оган среде,
коски да им стопли
во пустошијава
со скаменети воздишки
и некое насилно ветриште
низ нив;
расправаат молчаливо
секој во себе
дали животот тече
како река кон заборав
или е само миг што трае
додека се делотворни
умот, годините и самоста.

Предмети дребнави
и стари
на луѓе дребнави
и стари
меѓу луѓе дребнави
и стари
со предмети дребнави
и стари.