Настан и доживување V

Во меѓувреме, настаните кои ништо не менуваат во редот на живеачката на Корен Стаменоски, а кои, како секој друг, ги доживува лично, престана да ги запишува на ливчиња кои потоа ги лепеше по ѕидовите на подземниот дел од куќата на крајот од слепата улица, речиси на работ од бездната помеѓу Костец и Сивота. Од една страна, тоа му дојде бесполезно, многу повеќе бесцелно, дури глупаво, а од друга му дојде поинтересно, поедноставно и брзо се навикна да ги издлаби на ѕидовите со секакви знаци, различни едни од други; само нему знајно кој на кој настан се однесува. Има и нешто особено: во подземното живеалиште не му иде никој, не му иде ни неговата Илина. Всушност, тој не донесува никого во неа, па нема кому да му ги прикажува, поточно да му ги открива издлабените знаци. Настаните и доживувањата заедно, испреплетени, меѓусебно заменливи, ги бележи на ѕидот со сончев, месечев и ѕвезден зрак што продира низ отворот за воздух од приземниот дел на неговата куќа.

А во меѓувреме, од деведесет и осмата година и неговите четириесет и четири ипол години до две илјади и дваесет и втората, за која е веќе сигурен дека е една од клучните години во неговиот живот, знаците за двата пролетни, априлски настана, пресвртниот и ненадејниот, како и доживувањето на играта на Костечани како секакви птици слетани на неговиот бедем при неговото откривање, мораше да ги обновува неколку пати; едновремено надополнувајќи ги со нови. Зошто? Просто затоа што сѐ по нив се промени од корен: стварноста, светот, системот, односите, однесувањето, личните и заедничките цели.

Пресвртниот настан, случувањето на северникот кој ничкосуваше наземи сѐ што ќе се обидеше да го попречи или запре неговото надоаѓање, неговото вовлекување во подземното живеалиште, исчезнувањето на Боровата шума откако престана да дува по два дена, стаписувањето од глетката, го означи на ѕидот со кругови, од најмал до најголем, еден во друг, надополнувајќи го со вокали и консонанти во големи бранови. Ненадејниот настан, водењето љубов до премалување на снагите со една од неговите љубови, во еден миг, во оган, потоа признавањето дека е неизлечиво болен и не знае уште колку ќе живее, а посебно согласноста дека секој човек мора да се бори за живот до последен миг оти е тој неповторлив, на ѕидот го издлаби како мраморна стена во пламени јазици. Неговиот крај, пак, студенината што го обзела кога се вратил во подземната куќа и здогледал дека пајаци на тишината во аглите од одајата за дневно престојување сплеле мрежи, го означи како поседнати замислени старци во круг околу него, со нивни сплотени сенки.

Што се однесува на дожив увањето, замисленото и восхитно извишување бедем околу себе со големи карпи, на крајот од слепата улица, пред и зад неговата куќа, на самиот раб од бездната, потоа вчудовиденоста на Костечани и најсетне играњето со него игра во која сите се запознаваа како секакви птици кои штотуку ја прелетале бездната и слетале на неговиот бедем со уморени крилја, сето тоа го забележа како планина со висок врв помеѓу две реки.

Покажувањето, пак, како да кротат ветриште, како да се бранат од грабливи птици и до премаленост да им се спротивставуваат на луѓе кои се обидуваат да ги поразат, па да ги потчинат на себеси, да станат сосем зависни од нив, го издлаби во ѕидот како сонце од изгрев до залез.

Годината две илјади и дваесет и втора е една од клучните години во животот на Име зашто во неа се промени сѐ од корен. Стварноста во Костец почна да наликува на договорена рамнотежа помеѓу грубост, политикантство и рамнодушност; во која снаодливоста е мера за успешност во што било. Светот остро се подели индивидуално и колективно на немерливо богат и самоуништувачки сиромашен; во кој лесно се владее и беспоговорно се слугува. Системот всушност не е систем, туку невиден грабеж на сѐ вредно, како и на неконтролирано, волунтаристичко и неосмислено гаснење на горливи проблеми; при што правдата, неправдата и судењето се целосно во функција на одбрана на елитата на власт. Односите во божемното сожителство се на прагот на толеранцијата, а се поттикнуваат бессовесноста и омразата; со цел закрвеноста меѓу луѓето постојано да ја зголемува, дури драматизира неизвесноста. Однесувањето сѐ повеќе ги оддалечува Костечани едни од други и сѐ помалку се познаваат меѓусебно; што, пак, доведува до сѐ почести недоразбирања и конфликтни состојби. Личните цели ги надвладуваат заедничките, па користољубието и себичноста ја маргинализираат животворноста; дека континуирано се наметнуваат како непотребни промислувањето, мудроста, продлабочената согледба, со оглед на динамиката на секојдневјето, стресните ситуации во него, а над сѐ борбата за што повисок статус кој обезбедува никогаш доволен финансиско-материјален комодитет.

Здравјето на снагата на Корен Стаменоски со прекар Име ги крепи безмерната, но бездетна љубов помеѓу него и Илина Каранфилова.