45.

Сокол, најмладиот брат на Сонцева крв, кој сѐ уште живее во нејзината приземна куќа на левиот брег на Длабоката река, во населбата Коренов живот, со од него сосем запустен мал цветен двор и овоштарник на источната страна, замолчен од пред неколку години, кој одбегнува средба и разговор со кого било ближен, најчесто, речиси катадневно му се наметнува прашањето или поточно проблемот на хармонијата на животот. Не само во меѓусебните односи на луѓето, туку и со природата, со годишните доба, со минливоста на времето од една и трајните вредности од друга страна, а особено на хармонијата помеѓу животот и постапното или ненадејното заминување од стварниот свет. Тој одбегнува да разговара дури и со ѕидовите во куќата, но и за хармонијата им зборува и ги слуша умрените и живите умрени браќа Бриг и Сон и сестрите Лена и Тодора. Со Сонцева и сестра им Божана многу ретко, самиот не знае зошто, ама тоа воопшто не го замислува, камо ли да го измачува.

Му вели братот Бриг:

-Хармонијата на животот тешко се постигнува, уште потешко се брани, а најлесно се губи. Затоа е доблест. Мислам дека во нашите животи најпрвин семејната и сега, кога сме мртви како живи, ни е најважна. Затоа многу боли оти е разнишана во нашето потомство. Може скоро да биде збришана.

Му одговара Сокол:

-Брате Бриг, ти треба да си среќен што се сѐ уште во постојана врска твоите синови Гаврил и Марко и ќерка ти Мира.

Бриг одговара кусо, задоволно:

-Се разбира дека сум. Исто оти и сѐ уште мене не ме заборавиле. Ме мислат одвреме-навреме.

Му вели сестра му Тодора:

-Јас и Лена рано го напуштивме домашното огниште, но сега како мртви имаме заедничко стојалиште. Дека токму тоа најмногу ја одржува и брани семејната хармонија, но и животот во хармонија со природата.

Ја пресекува во збор Сокол:

-Сега остави ја неа, сестро. Вие го напуштивте, но со себе барем да понесевте жарче од него. Да тлее во вас.

Тодора, шест години помладата сестра на Сонцева, за која неодамна разбра дека самата не знае дека е уште жива, живее во дом за стари лица во Големиот град заедно со нејзиниот Сидор и боледува од Алцхајмерова болест, со одвај чуен глас докажува:

-И Лена ќе ти го каже истово: имаме жарче во нас, тлее, но е просто невозможно од него пак да се разгори оган.

На Лена ѝ идат во спомените ќерките Сирма и Вела, како и синовите Јордан, Строгон и Угор. Освен Угор, за кого знае само дека живее некаде во Канада, но никогаш не ѝ се јавил. На сите им ги знае животите, нивните секојдневни вообичаени приклученија и премрежија, борејќи се здружено против живуркањето.

Се надоврзува на Тодора:

-Соколе брате, јас сум убедена дека се согласуваш оти и со угаснат оган во домашно огниште тоа е огниште.

Сокол:

-Сега не разговараме за него, туку за хармонијата.

Ниедно доба е, а Сокол не може да склопи очи. Ги слуша ближните и се обидува, ама тешко му успева да молчи, да не им одговара, па и да им противречи. Малку е изненаден, но му е драго присуството на најстарата им сестра Божана, умрена мошне млада, на четириесет и шест години од незнајна болештина со која најверојатно ја нападнал некој минерал при допир со голи раце, која исто така рано го напуштила домашното огниште. Досега со неа и со Лена разговарал единствено за црнилата, мачнините на живеачката и жртвувањето за потомствата, а сега му се јавува и таа.

Во ова ниедно доба на ноќта, осветлена со полна месечина и ѕвезди, ѕидовите на куќата на Сокол му се чинат бедеми што го обѕидале за да го бранат од наезди на секакви натрапници. Ги чувствува тишината, молкот и спокојот како во совршена хармонија.

Божана:

-Не само ќерка ми Тема и син ми Габер, туку еве и јас признавам дека сите мои љубови во животот ги насочив кон мојот Аристотел. Го знаеш, надалеку е прочуен со мудроста. Но беше и голем домаќин, грижен татко и угледен трговец со минерали. Хармонијата на животот со него, не само семејната, туку и личната и внатрешната, и со внатрешниот и со надворешниот свет, ми го затврди стојалиштето дека сите љубови во една се огреани од изгревање до зајдување на сонцето и месечината.

Сокол:

-Со тебе, сестро Божана, сакам да разменам мислење за хармонијата со природата како суштествена за континуитетот на животот. Со твоето или со на Аристотел. Јас мислам дека без неа тој воопшто не е можен. Тешко го насочуваме, многупати нѐ изненадува, ни остава трагични последици, а сѐ повеќе ни ја одзема ведрината и ја сокрива од нас едноставноста.

Божана:

-Се согласувам, а мојот Аристотел одамна му укажуваше секому дека тоа од ден на ден е сѐ поочигледно и предупредуваше на животната бесцелност. Како да се постигне совршена хармонија со природата? Најпрвин да се следи нејзиниот ред, потоа да се зема од неа само она што таа го дава, го нуди штедро, а едновремено да се биде секогаш со неа, во неа и колку може сличен со неа.

Сокол:

-Јас така цел живот, откога знам за себе.

Божана:

-Знам брате.

Сокол многу се изненади кога прво ги почувствува нивните дишења, а потоа, среде големата одаја со дрвени столчиња, мала масичка, два големи ормана, големо огледало со златна рамка и мраморен Александар III Македонски качен на својот Букефал, ги здогледа поседнати во круг Сонцева крв, нејзиниот Цветин, нејзините синови Астрал, Извор и Темелин, ќерките Ма, Искра и Огнена, Иле на Ма и нивниот син Македон. Сите живи и мртви како живи.

Цветин:

-Сите хармонии се многу важни за рамнотежата на светот, ама јас мислам дека најважна е на минатите и сегашните времиња. Таа е најголемата доблест. Најтешко е да се воспостави, а најмногу поради неа луѓето ги губат најсуштествените за сопствен опстој-идентитетите.

Сокол:

-Ама ретко се умира без нив. Напротив, на луѓето што ги изгубиле или велепредавнички се откажале од нив смртта како да им е најлесна.

Цветин:

-Ама без никаква трага зад себе, Соколе. И во животот по смртта и во смртта со живот.

Сокол пак го слуша Бриг. Тој многу и долго жалеше дека почина во длабока самост откога неговата Ангела му почина на раце. Често се среќаваа додека беше жив. Во разговорите многу тешко му беше спомнувањето на Гаврил и Марко, одамна се преселени и со свои семејства во Германија, а најтешко оти не слушнал ништо за ќерка си Мира откога замина во Австралија.

Сокол:

-Бриг, согласен си со Цветин?

Бриг кусо одговара климајќи со глава:

-Да, точно е што вели. Никој не може да преживее без личниот и колективните идентитети.

На оваа за Сокол многу важна средба на рожбата на Сонцева е и синот на Сонцева Астрал, класичен филолог и страстен проучувач на историјата на древните Македонци, но без неговата друшка Пламенка и синовите Павле и Стефан. Сите се загледуваат во него како да очекуваат тој да го каже последниот збор.

Астрал:

-Во Париз имав неколку средби со македонскиот астрофизичар Паскал Сотировски, четири години пред неговата смрт во 2003. Ме интересираа неговите сознанија за зрачењето од површината на Сонцето и таблиците на спектрите од двоатомни молекули на неа. Во Опсерваторијата во Медон крај Париз тој ги проучуваше спектроскопијата на Сонцевите дамки и Сонцевите ерупции, влијанието на Сонцето врз земјата и емитувањето на неутрината. Многу се интересираше за Алшар. Беше убеден дека во него е клучот за разрешување на вечната тајна на Сонцето. Дека единствената честичка која може да даде одговор е неутриното, без маса и полнеж, која на Земјата доаѓа со брзина на светлоста и за која нема никаква пречка. Тој беше посветен на откривање на фазите на Сонцевото јадро, а за тоа е потребна ретката руда на талиумот, лорандитот, кој го има токму во Алшар. Кога еднаш му ја спомнав хармонијата на човековите доблести, природата и Сонцето тој ми се насмевна и ме поттикна да продолжам да ја промислувам доследно и уште поинтензивно.

Александар III Македонски ѝ се обраќа на Сонцева:

-Сонцева моја, го слушна Астрал? И јас се знаев со Паскал, можам да речам дека бевме добри пријатели. Тој на неколку наши средби ми говореше за крајната цел на своите проучувања. Која беше моја најпрва цел живот, оособено во моите војувања за обединување на светот: хармонијата на човековите доблести, природата и Сонцето. Ете затоа е Сонцето сеприсутно, и на мојот и на штитовите на моите воини. Македонија е земја на Сонцето.

Сокол во одајата на куќата на левиот брег на Длабоката река, во населбата Коренов живот, буден го пречека будењето на новиот ден и изгревот на Сонцето.