57.

Одново, никој не знае по колку години, собра Сонцева крв ближни околу својата претсмртна постела, во доцен ноќен час. Им раскажува со преуморен глас:

-Ближни мои, го продолжив часот на моето зајдување и гаснење, колку жива, толку мртва како жива на деведесет и две собрани во коскиве, пред моето повторно упокојување, за да ја завршиме почнувајќи ја нашата заедничка животна судбина. Зашто сте сите моја крв, зашто сте од моја родени. Вие, синови и ќерки на мои веќе мртви браќа и сестри, и вие живи како мртви синови и ќерки мои, и вие внуци и внучки на синови и ќерки мои мртви како живи, и сите вие други живи ближни мои.

Знам дека секој и секоја од вас нема да заборави додека е мртов, додека е жив како мртов, додека е мртов како жив и додека е жив, дека е Сонцева крв, животворна и вековита. Дека во секој од вас јас сум зрак сончевина, извор на вдахновение.

Јас сум веќе сигурна и зато сосем спокојна: продолжувате или ќе продолжите на патот што ви го покажав, а мене ми го покажаа моите предци. Тоа е патот на самодокожување, извишување, на затврдување на самобитноста. Создавајќи, градејќи, надградувајќи, оставајќи им на потомците непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење.

Сонцева пак ги склопи очите и почна да дише рамномерно. Потона во длабок сон, знаеја, беа сигурни сите околу неа, но никој не ни помисли да се обиде да влезе во него, можеби и да го сподели. Сестрата викна доктор, а тој, откако пак ја прегледа детално, пак констатира дека штотуку заспала.

Излегоа, jа оставија со сестрата да ја преслече и да ѝ ја промени постелнината. Веќе не ја ни видоа ни слушнаа. По неполн половина час излезе докторот и им соопшти дека згаснала спокојно.

Сите ближни ја испратија Сонцевакрв во тишина и молк во нејзиниот необележан и неименуван вечен дом во Мајден: нејзините синови Астрал со семејството-жена му Пламенка и синовите Павле и Стефан, Извор и Темелин, и ќерките  Ѕвездана (Ма), со нејзиниот Иле, нивниот син Македон, неговата Ксантија и нивните деца Дон и Роза, потоа Искра и Огнена; браќата Бриг-со жена му Ангела, синовите Гаврил, Марко и ќерката Мира, Сон-со неговитеТрајан, Стефан, Војдан, Изгора и Каја, и Сокол; па најстарата сестра Божана со нејзиниот Аристотел, синот Габер и Тема, постарата Лена со нејзиниот Филип, нивните ќерки Сирма и Вела и синовите Јордан, Строгон и Угор и најмладата Тодора со нејзиниот Сидор.

Сѐ додека гробарите со лопатите не ја вратија сувата глинена земја во нејзиниот вечен дом и не го покрија со цвеќињата и венците, Ѕвездана (Ма) стоеше настрана и одвај успеваше да го придушува ридањето во себе. Пред очи ѝ беше сликата на заедничката одбрана на светлината во рамновесие со темнината; како заедно му ги отвораат вратите и прозорците на сонцето од изгрев до залез, го внесуваат во срцата и дишењата спокојот на ноќта, ѕвездите и месечината од квечер до зорење на зората. Со неа и љубовта спрема цвеќињата.

Некое време откако сите се разотидоа, откако Сонцева крв остана сама во гробот, се појавија нејзината најпрва љубов Светол и втората прва Цветин. Стоеја долго еден крај друг, како да не се познаваат, па на глинената земја положија црвени каранфили.

Во сон како стварност, како заумен свет, Македон пак за миг ги здогледа Сонцева крв и Александар III Македонски како прегрнати влегуваат во рударското окно во Алшар. Со бавни чекори исчезнуваа во жаровитиот црвен лорандит среде розетата на неговиот штит со шеснаесетзрачно сонце. Потоа се затресе земјата и со силен трескот окното се затрупа.

Сите ближни на Сонцева крв сведочат дека на првиот ден во нејзиниот вечен дом, кога, како што им завешта, во рани зори отидоа на Кокино да го опфатат изгревањето на Сонцето со природните маркери на стените, огреале две жолтоцрвени сонца.