56.

Ѝ прикажува на насобрана толпа мажи и жени, млади, возрасни и стари, белокожи, жолтокожи, црвенокожи, косести, ќелави, брадосани, мустаќести, голобради, голи и облечени во ветви и нови разнобојни алишта мраморен, грамаден и вековит воин на коњ, на височина среде пустошно место. На сите страни во далечина се гледаат една до друга, некаде една над друга големи и мали планини, со големи и мали врвови, а помеѓу нив големи и мали низини како наполу пресечени од сина и мирна вода.

Воинот е во воен оклоп, со меч во десната и штит во левата рака. Штитот е со шеснаесеткрако сонце. Мечот, пак, му е искован од железо, со сечиво и балчак, како божјо дело, како да го исковал богот ковач Хефајст по налог на Ѕеус. Коњот му е црн, како уплашен од својата сенка која се издолжила оддесно.

Гласот му грми:

„Народе! Сонцето изгревало и зајдувало вчера и за нас и за вас, како за сите други народи на светот. Изгрева и зајдува денес, како што ќе изгрева и зајдува утре. Да, за секој од вас има место под него, за него, а особено за секој што го носи во себеси. Но зошто е тоа посебно, единствено за нас? Чии траги, знаци, писмо, корени ги следите, ги откривате, ги осознавате, ги проучувате вие, неговите пријатели? Затоа што нашава земја е негова. Од веки веков била, е и ќе биде Сонцева. И никој не успеал, и никој никогаш нема да успее да ја завладее.ж

Народе! За разлика од сите народи во минатото и денес, мојот народ ја има најголемата, но едновремено најсудбоносна, најнеизвесна и најнесреќна човечка доблест. Поради која жртвувал и жртвува многу. Дури е пред жртвување на својот опстој, на она што отекогаш бил и е. Таа доблест се вика трпение.

Да, народе! Јас сум сигурен дека по твојот престој овде, меѓу нас, ќе согледаш дека токму благодарение на трпението како најголема човечка доблест мојот народ во една точка, во еден миг, во еден здив, во еден глас ги има собрано својата судбина, својата неизвесност и својата несреќа. Така било и така е сега. Дека сал од него зависи дали ќе опстои каков што бил и е…со трпение. Или, пак, конечно ќе му ги исушат, ќе му ги изгорат корените, ќе му ги секнат изворите и ќе му го сотрат семето.

Запомни народе! Благодарение токму на трпението како најголема човечка доблест мојот народ и јас со него научивме дека раѓањето и умирањето го продолжуваат животот на секој на светов со самосвест и лично достоинство. Создавајќи во слобода и бранејќи ја својата самобитност“.

Насобраната толпа мажи и жени, млади, возрасни и стари, белокожи, жолтокожи, црвенокожи, косести, ќелави, брадосани, мустаќести, голобради, голи и облечени во ветви и нови разнобојни алишта го поздрави со громогласен молк.