51.

-Ах, таа искреност,- вели Пламенка со воздишка.

Астрал и зачуден и изненаден:

-Зошто ах?! Јас за неа не размислувам како постојана или непостојана, како спротивставена на лагата, туку како доблест. Се разбира, тоа нема врска со мене како класичен филолог. Едноставно, ја промислувам искреноста како таква бидејќи сметам оти е една од најсуштествените, ако не и најусштествена за постојаноста на човечката природа.

Оваа тивка и ведра ноќ се сами во нивното живеалиште-трособен стан на втор кат во четирикатна зграда со четири влеза, на Булеварот на револуцијата. Синовите Павле и Стефан се со соите друштва во „ноќен живот“, во некое од многубројните кафулиња на кејот на Длабоката река.

Пламенка:

-Го знам тоа, иако воопшто нема да се изненадам ако на пример ја поврзеш со Александар III Македонски и неговиот Хефестион.

Астрал:

-Што знам…Можеби…Да, нивната меѓусебната верност и љубов, што се столбови на нивниот однос и на заедничките успеси во походот, особено на Индија, најмногу се темелат токму на искреноста како доблест…Но, да ги оставиме нив за следниот пат.

Пламенка:

-Да ти го олеснам промислувањето. Еве ти мој избор на искази и мисли за искреноста од видни луѓе во минатото и денес. Го направив со друга цел, како докажаност на нашата искреност, ама може да ти послужи како вовед, поточно разграничување на другите од доблесната искреност.

Астрал:

-Значи прифаќаш дека има повеќе искрености?

Пламенка:

-Да, поврзани со љубовта, со живеачката, опстојувањето, создавањето, со политиката…Тоа е познато.

Астрал се насмевнува, го зема листот хартија и внимателно чита:

Томас Џеферсон:

„Искреноста е прво поглавје во книга на мудроста“.

Мигел де Сервантес:

„Зборот на искрениот човек е еднакво добар како и неговото ветување“.

Френсис Бејкон:

„Биди искрен спрема себеси за не бидеш лажен спрема други“.

Ралф Валдо Емерсон:

„Секој човек е насамо искрен. Со влегување на друго лице почнува хипокризијата“.

Лорд Бајрон:

„Искреноста е можеби скромна, но таа нема да биде слуга“.

Оскар Вајлд:

„Малку искреност е опасна работа, а многу е апсолутно фатална“.

Сомерсет Могам:

„Искреноста во општеството е како челична греда во куќа од карти“.

Бенџамин Френклин:

„Искреноста е најдобра политика“.

Франсоа Ла Рошфуко:

„Слабите луѓе не можат да бидат искрени“.

Анри де Монтерлан:

„Искреноста е често прибежиште на оние кои немаат фантазија ни чувство на бизарност“.

Јохан Волфганг Гете:

„Можам да се заколнам на искреност, но не и на непристрасност“.

Андре Мороа:

„Ние ја сакаме искреноста само кај лица што нѐ сакаат, а искреноста на останатите ја нарекуваме безобразие“.

Ричард Бринслеј Шеридан:

„Оние што најмногу се колнат се најмалку искрени“.

Блез Паскал:

„За да се успее неопходна е дисциплина. Редовноста, искреноста и истрајноста ќе ве доведат до успех“.

Албер Ками:

„Посебно не им верувајте на пријателите кои бараат да бидете искрени спрема нив. Тие само се надеваат дека ќе ги поддржите во доброто мислење што го имаат за себе, пружајќи им додатна сигурност што ќе ја црпат од вашето ветување дека ќе бидете искрени. Значи, ако се најдете во таква состојба, не се двоумите: ветете дека ќе ја зборувате вистината и лажете како што умеете најдобро. Ќе одговорите на нивната длабока желба и двојно ќе им ја докажете својата наклоност“.

Марцијал:

„Искрениот човек е секогаш дете“.

Џон Штајнбек:

„Можеш ли да сакаш искрено нешто што не е искрено?“.

Џорџ Орвел:

„За креативниот писател поседувањето „вистина“ е помалку важно од емоционалната искреност“.

Ѝ го враќа листот со коментар:

-Добар ти е изборов.

Па по некоја минута:

-Искреноста како доблест…Таа најпрвин треба да се назначи како моментна, без оглед на траењето на моментот, и како долготрајна…Да, најмногу во борба. Не освојувачка, туку ослободувачка. Се докажува со дело на креативниот дух. Таа искреност ја има во секого, но не се искажува пред оној што ја изедначува со наивноста и невиноста…Искреноста како доблест е недостижна за секој поразен од минливоста на животот.

Замолчува.

Излегуваат во прошетка по Блуеварот на револуцијата со спокојни чекори.