49.

„Добронамерноста ја има во секој човек со свест за вредноста и достојноста на сечиј живот. Ја има, а ја покажува, а ја искажува, а ја докажува во чие било и во какво било време или невреме. Ја потиснува во себе, не ѝ дава да се оствари кога директно, непосредно ќе се соочи со злонамерноста. Па и тогаш се обидува, ѝ се спротивставува до последен здив.

Единствен проблем на добронамерноста, кој за неа е често нерешлив, просто непремостлив, е нејзината злоупотреба. Од кого? Не од зломислените и злонамерните. Нив лесно ги поразува игнорирајќи ги. Од немошните кои со сопствени сили, ум и разум не можат да им станат блиски на оние на кои веќе не можат да им се доближат оти во меѓувреме ги изневериле, ги изиграле, ги изманипулирале. Па со нејзиното покажување, искажување односно докажување се обидуваат да ги симнат маските од своите лица и несетно и незабележливо на нив да стават нови.

Добронамерност на освојувач и поробувач?! Невозможна е? А спротивставување, па и борба со неа против нив? Доблест? Не! Само саможртва.

Можна ли е добронамерноста пред сила и грубост? Навистина не знам“.

Габер престана да пишува. Доволно како вовед во неговиот роман „Добронамерниот сонувач“? Којзнае. Можеби ќе допише понешто по некое време.