30.

Сокол, Божана, најстарата помеѓу браќата и сестрите, и Лена, постарата сестра, за црнилата, мачнината на живеачката и жртвувањето за потомствата.

Божана:

-Соколе, брате, вистина е дека мачен живот проживеав откога се разделивме, откога јас по тебе го напуштив родното огниште, нашиот Мајден, и трнав во непознат свет по патот на неизвесноста. Толку се изнамачив што смртта ми дојде како олеснување, како слобода, како почеток на мое ново време.

Минав низ неброени мачнини и црнила. Немаштија, болештини, самости, селидби, окуќувања…Иљо ме напушти млада со две дробни дечиња. Имав триесет и четири, Габер девет, а Тема…ах Тема…само пет години. Згасна тој ноќум, во спиење…Му запре срцето, а беше здрав, јак, грамаден…

Ги израснав децата со судни маки. Што сѐ не работев за да ги прехранувам, да ги облекувам, да ги бранам од болести; да имаат макар ретки мигови на безбрижност, игра…Ти не знаеш, не можеш ни да појмиш…При сето тоа да ја браниш и одбраниш честа на жена, на самохрана мајка…

Од град во град, окуќување, раскуќување, окуќување…Удар еден, удари два, три…Снеможења, кревања, безнадежност, верба…Бесцелности, можности…

Ти велам, Соколе, брате, смртта ми дојде како слобода, почеток на мое ново време. Ама…

Откако ми умре мојата преубава Тема…штотуку наполни деветнаесет…Не, не умре поради стресен урбан живот…ноќни забави, пијанства, секс, дрога. Лага е тоа. Лага! Знам јас. Беше невина…Многу слаба, со испиено лице, ама здрава, ведра, насмеана, во цутот на младоста…Тој некојси Петар, не ми го претстави како нејзино момче, туку како најдобар пријател. Ми се јавуваше со денови…Не веруваше, не прифаќаше дека е мртва…Се сретнавме две години подоцна. Тој ми ја кажа вистината…Таа кобна зимска ноќ некоја група насилници ја грабнале со автомобил, на улица…Ја киднапирале и ја одвеле во кварт на проститутки…Ја силувале…Ја дрогирале…Тоа студено зимско утро нејзиното мртво тело го сокриле меѓу два контејнера преполни со секакво ѓубре…Го нашол некој бездомник и пријавил…Хулиганите ги пронашле, ги осудиле за насилие и убиство…

Мојот Габер, пак,…Да, ја доживеа, и јас со него, најголемата љубов на сите времиња, најнапред на моето и неговото, на нашето време.

Сокол:

-Сестро моја мила, смртта ти била почеток на твое ново време…по толку патила, црнила…Ја прифаќам и како почеток на наше ново, заедничко.

Запали свеќа, ја стави пред фотографијата на Божана, десно од фотографијата на Сонцева, на надгробната плоча на семејниот гроб во Мајден. Седна на клупата. Молчеше долго, дури свеќата речиси не изгоре. Потоа се загледа во фотографијата на сестра му Лена, лево од фотографијата на Сонцева. Ја заслуша.

Лена:

-Соколе, брате, знаеш сѐ за мојата живеачка, сум ти ја раскажувала во детали. Еве и сега, при ова твое доаѓање на нашиов семеен гроб.

Имав сосем друга, спротивна од живеачката на дада Божана. Можам да речам дека ми мина лесно, во ведрина, со многу радости и здравје.

Во сѐ ми се погоди Филип. Имавме хармоничен брак, изродивме и изгледавме пет деца во куќа полна радости и среќа; две ќерки и три сина. Прва ни дојде на свет Сирма, по неа близнаците Јордан и Строгон, па Вела и најнакрај Угор.

Мојот Филип почина две години по мене. Го погребавме во неговото село Чепигово, прилепско, во чија близина е античкиот град Стибера.

И мртва сум радосна дедка сите освен Угор ги живеат секидневните вообичаени приклученија и премрежија. Го живеат животот во Скопје борејќи се здружено против живуркањето.

Што се однесува на Угор…Ах, Угор, Угор…Не знам ни дали е уште жив. Реши да нѐ напушти, да замине во Канада. Едно време, додека бев жива се јавуваше одвреме-навреме. Ме убедуваше дека е в ред, напредува во животот…Има семејство…Штом умрев, престана да му се јавува кому било од браќата и сестрите…Болка ми е.

Сокол запали свеќа, ја стави пред фотографијата на Лена. Молчеше долго, дури свеќата речиси не изгоре. Потоа им се обрати:

-Сестри мои, почивајте во мир. Продолжуваме заедно во нашево време. Скоро пак ќе ви дојдам…Кажете ѝ на Сонцева дека тогаш сакам и таа да биде со нас.

Стана од клупата, со забрзани чекори го напушти гробот и се упати кон излезот на гробиштата.