36.

Бриг, најстариот брат на Сонцева крв, почина на осумдесет и шест години, шест години пред неа, во длабока самост, во еднособен приземен стан во новата населба Исток, во Големиот град. Кога на повик на еден сосед стигна првата помош, неговото тело веќе беше бело и студено. Жена му Ангела му почина на раце пред осум години, а до последниот издив го негуваше жена која го прифати тоа откако се согласи нејзе да ѝ припадне станот по неговата смрт. Синовите Гаврил и Марко одамна, пред осумнаесет години се преселија и создадоа семејства во Германија, а за ќерката Мира, која една година по нив замина во Австралија, во меѓувреме никој не слушнал ништо.

Бриг ѝ вели на својата Ангелина:

-Знаењето за Бригите, моја Ангелина, е најважно за потврда на древноста, на длабоките корени на предците и потомците. Нема врска со моето име, можеби допрва ќе се открие дека има, но еднаш сестра ми Сонцева крв ми раскажа дека нејзиниот Александар во два наврата ѝ ја докажувал врската на македонскиот народ со нив како неспорна и докажана.

Ангелина го поттикнува да ѝ го изложи знаењето. Не оти таа не знае ништо, напротив, туку за да провери дали тој знае повеќе од неа. Бриг радо почнува:

-Затврдено е дека Бригите или Фригите биле една од најстарите и најбројни индоевропски етнички заедници на Балканот. Ги населувале јужните предели на централниот балкански простор. Конкретно, посведочено е дека живееле на територијата на планината Пангај, на исток од реката Вардар, до Албанија, Епир, Охрид и Пелагонија. На почетокот на првиот милениум пр.н.е. тие исчезнале од Балканскиот полуостров, а дел од нив се преселил во Мала Азија.

Учени нагласуваат дека Бригите учествувале во етногенезата на повеќе балкански популации, а според јазичните остатоци е констатирана блискост меѓу бригискиот и јазикот на Македонците и Пајонците. Несомнено е дека тој, ономастиката како и елементи на нивната материјална култура станале дел од наследството и културите ма Македонците и Пајонците.

Во врска со името, се смета дека е тоа оврзано со истиот индо-европски корен од германското Berg, што значи гора, планина, и словенското брег-брег, а значи и врв, рид, планина.

Кога е збор за личните имиња, тие кај Бригите се слични со на античките Македлонци, Пајонците, Мигдонците, Едонците и особено со малоазиските Фригијци.

Се смета дека најстарото спомнување на Бригите во историските извори е во врска со нивниот конфликт со Теспротијците кои го населувале просторот на јужна Албанија, во времето на Тројанската војна. Античките извори, пак, ги посведочиле Бригите во близина на Лихнидското-Охридското езеро и горното течение на реката Еригон-Црна Река. На поширокиот балкански простор тие се лоцираат источно од долното течение на реката Вардар, под планината Бермион, во северозападна Грција и југоисточна, јужна и централна Албанија, до Дирахион на север.

Ангелина:

-Зошто и од каде тој твој голем интерес за Бригите, мил мој Бриг? Сам велиш дека не е поради твоето име.

Бриг:

– Веќе ти реков дека знаењето за нив, мила Ангелина, е најважно за потврда на древноста, на длабоките корени на предците и потомците. Еве, и Сонцева крв, која е постојано со нас, како и бројни други од нашава рожба меѓу небото и земјата, се согласува со тоа.

Се вмешува Сонцева:

-Мила Ангелина, знај дека извориштето на нашата вонвременска љубов е во нивното разбирање на неа како суштественост на творечката енергија во човекот.

Бриг, Ангелина и Сонцева се гледаат заедно со други од рожбата на хоризонт како птици во слободен лет на хоризонт.

Продолжува Бриг:

-Мене ми е голем предизвик проучувањето на подемот на Бригите односно Фригијците во Мала Азија, на почетокот од железното доба. Ме одушеви престолнината на нивното кралство, Гордион, кого го посетив еднаш во зрелото доба и се надевам дека додека сум жив ќе го посетам макар уште еднаш.

Според мене, исто како според некои лингвисти, неспорно е дека во јазикот на Бригите постои голема сродност со главнината на само стотината познати старомакедонски голоси, останки од протогениот македонски јазик. Тоа едновремено потврдува дека Македонците немаат дорско потекло. До 700 година пред Христа тие живееле западно од планината Каракамен односно Вермион или јужно од Халиакамби. Големото море меѓу планините им било уште непознато. Прво ги запоседнале источните падини на Вермион, па се прошириле до Вардар-Аксиос. Филип II Македонси ја донел Македонија до реката Места-Нестос, во 348 година пред Христа.

Македонците ѝ го дале своето име на Македонија и ја прошириле од планината Пинд и Олимп до Места на исток, и до Црна Река-Еригон на север. Значи, тоа име најпрвин било народно, па потоа станало историографски поим за овие наши простори.

Во времето на кралот Александар I Македонската територија почнала да се шири во Еордаја, Ботиаја, Пиерија, Мигдонија и Алмопиј, а близу до Воден Пердика I или син му Аргеј I ја соградил првата престолнина Ајга, сегашен Кутлеш.

Продолжува Ангелина, а Бриг ја слуша со големо внимание и прилично изненаден:

-Етнонимот потекнува од сложениот палеобалкански збор bri-рoj, bri-мов и ge-земја, област. Бригите се антички народ северно од Бореја во Македонија, во околината на Преспанското езеро. Страбон ги лоцира на просторот меѓу Преспанското и Охридското езеро, Драч, Јужна Албанија и Епир. Главен град им бил Кидрај (kidros-славен), сместен на северозапад на планината Варнус-Баба, на надморска височина од 2.177 метри, покрај Преспанското Езеро ( limne brigeis), според кого го добиле својот етноним. Пред тоа се викале Мосиничани, според топонимот Мосна кај Ѓердап на Дунав.

Во преданијата на Кадмо, епонимен херој на Кадмејците, жители на беотска Теба, во неговото кралување кај Енхелејците, кои живееле долж Црн Дрим, како и во борбите со Илирите Бригите не се спомнуваат ниту како учесници во Аргонаутската експедиција во 1.225 година пред Христа. На овие простори тие најверојатно дошле во периодот меѓу Кадмовата миграција во 1.313 година пред Христа и Аргонаутската експедиција во 1.225 година пред Христа. Нивната миграција хронолошки се врзува со 1.200 година пред Христа, кога се случило паѓањето на хетитската држава. Најзападниот дел на нивната покраина на Хелиспонд и Тројада се викал Мала Фригија, а поголемиот дел во долината на реката Сангариј, Голема Фригија. Во Тројанската војна Фригијците биле сојузници со Пријам против Грците, а младиот Пријам им помогнал во борбата против Амазонките.

Од митските личности на Фригијците познати се кралевите Пелоп, Танталов син, и Мид, Гордиев син. Фригиецот или Лиѓанецот Пелоп во средината на XIII век пред Христа ги водел Ахејците од тесалска Фтија на Пелопонез. Таму се оженил со Хиподамија, ќерка на елидскиот крал Енонај. Таа му родила шест сина и три ќерки, од кои најпознати биле Атреј и Тиест. Од Атреј потекнува Агамемнон, кој станал крал на Микена во 1.200 година пред Христа, инаку војсководец на Грците во војната против Троја, а Менелај ѝ бил маж на убавата Елена, поради која се водела Тројанската војна.

Продолжува Бриг:

-Според мене, особено се важни митологијата и древноста на Тракијците. Еве што сум прочитал и што знам за нив:

Трака е епонимна хероина на Тракија, ќерка на Океан и Партенопа, сестра на Европа, полусестра на Азија и Либија. Името на земјата Тракија потекнува од зборот тракс-Тракиец, додека зборот трасис значи срдечен, смел, пркосен. Според Херодот, Тракијците биле најброен народ на светот по Индите.

Тракијците биле населени на целиот Балкански Полуостров, меѓу Дунав, Црното и Егејското Море, а на запад до границите на земјите кои, главно, достигнувале до Дрина. На север ги населувале денешните Романија, Унгарија и Украина. Според Хомер, сите земји северно од Тесалија биле Тракија. Нивен бог бил Посејдон, како и боговите Дионис, Артемид и Салмоксис.

Тракијците биле сојузници на Троја во војната против Хелените.

Утврдено е дека потеклото на Тракијците е од Кавказ. На југоисток во Европа, во Балканско-Карпатскиот регион дошле во неолитот преку Мала Азија, Црното Море и Дунав, а најнапред преку Вардарско-Моравската долина.

Е сега, треба да се има предвид дека во класичниот период целото население во Македонија и во северниот Егеј Хелените го нарекувале Тракијци. Не е познато како тие се викале меѓу себе. Што се однесува до обичаите, Херодот изнесува дека тие имале обичај да ги продаваат своите деца во странство. Кога се раѓало детето, тие кукале заради неволјите кои ќе мора да ги трпи во животот, а умрените ги спалувале и ги погребувале со игра и голема веселба.

Се претпоставува дека Тракијците зборувале со балканска палеоглосологија, а нивниот јазик ја потврдува и ономастиката. На пример, името на планината Хем иде од хаима-крв која тече, но и род, планината Родопи од родон-ружа, роза и зборот опс, опсис-изглед, лице, а Истрос е кованица од истиа-храна и гео, го-струја, вода, река.

Најпознати се Гетите кои верувале дека се бесмртни. Живееле меѓу Хема и Дунав, па се преселиле преку Дунав и добиле име Дачани.

Како тракиски крал се спомнува Ликург, што иде од ликос-волк. Според митологијата, тој бил син на Дријант, внук на Аеј, крал на Едонците. Бил сурово казнет во врска со Македонија и египетскиот крал Озирис: кога Озирис ѝ го препуштил владеењето со Египет на својата жена Изида и тргнал да го освојува Балканот, со себе ги понел и своите синови Анубис и Македон, кои биле врвни воини. Откако во Тракија го убиле кралот Ликург, Озирис го прогласил Македон за крал и го оставил во земјата која според него е наречена Македонија.

И јас сметам дека името Македонија е од бригиско потекло. Тоа ја потврдува поврзаноста меѓу името Ематија, што на хеленски значи песоклива земја, и името Македонија што на бригиски исто така значело земја. Птолемеј запишал дека првата македонска престолнина Ајга се наоѓала во Ематија.

Сонцева крв им се обраќа на синовите на Бриг и Ангелина, Гаврил и Марко, во Германија, и на неговата ќерка Мира, во Австралија:

-Татко ви и мајка ви вам ви ги изложија своите знаења за Бригите како потврда на древноста, на длабоките корени на нашите предци и нашите потомци, како и тврдењето на мојот Александар дека врската на македонскиот народ со нив е неспорна и докажана. Ама не е само тоа. Многу повеќе е наше вонвременско и вонпросторно опстојување вековито.

Сигурна сум дека ќе ве поттикнат на продлабочени истражувања и додека сте живи ќе си овозможите макар една посета на нивниот гроб, на нашата рожбена куќа на вечноста во Мајден.

Светот е мал и сѐ помал во својата сегашност сосе своето минато.