34.

Што е со Тодора, шест години помладата сестра на Сонцева? Жива е или мртва? Што ѝ се случило? Што ѝ се случува? Каде е? Во Мајден? Во Големиот град? Којзнае каде? Се знае нешто или не се знае ништо за неа?

Нема ниеден и ниедна од рожбата на Сонцева за кого не се знае ништо! Напротив, сите знаат сѐ или понешто за сите. Така е не само со неа, туку со сите рожби на сите во Мајден, од Мајден, кај што биле и кај што се.

Тодора е уште жива! Таа не знае дека е, ама е. Има осумдесет и три години, живее во дом за стари лица во Големиот град и боледува од Алцхајмерова болест. Со неа е и нејзиниот Сидор, единствената љубов во животот, две години постар од неа; дожиеал мозочен удар и му е одземена десната страна од телото. Немаат рожба и никој не им иде на визита.

Да, Тодора во животот немала, не доживеала ниедна друга љубов освен со Сидор. Кога таа имала сенасе осумнаесет, а тој двесет години и три месеци. Млади, без којзнае какво знаење за брачниот и семејниот живот, особено кога е збор за меѓусебните обврски и одговорности, но со безгранична меѓусебна доверба и поткрепа. Таа е уште една докажана, непореклива, неповторлива и непорочна од неколкуте љубови во рожбата на Сонцева и во други рожби во Големиот град. За нивна непребол, жал на сите со нив и околу нив-јалова.

Поминаа година и два месеца од стапувањето во брак, по четирите месеци секаде заедно, меѓусебно запознавање и зближување. Имаа секоја ноќ секс, страстен, огнен и без никакви воздршки, без користење на какви било контрацептивни средства. Сакаа дете, не едно.Сакаа две, три, четири, повеќе. Но, ништо!

Почнаа со детални прегледи. Прво таа, потоа тој. Се потврди дека Тодора не може да зачне? Дека е до неа, не до него? Сеедно. Зар може тоа да е толку болно, непреболно, разочарувачки? Сепак, да не е…

Не е ни до неа ни до него! Конечно открија дека станува збор за несовпаѓање. Им објаснија, одвај разбраа:

Станува збор за имунолошко односно биолошко несовпаѓање меѓу партнерите. Имено, машките сперматозоиди женското тело ги гледа како странски, поточно опасни, па почнува да произведува антитела. Резултатот е умирање на сперматозоидите. Со други зборови, спермата не е во состојба да ја оплоди женската клетка и да предизвика зачнување. Слично како алергиска реакција.

Постојат неколку причини: ослабен имунитет на жената или мажот, алергиска реакција на мажот на сопствената сперма и нејзино умирање, менување на партнерите во минатото, долгорочна употреба на кондоми пред забременување.

Разбраа и доста е! Нема потреба од дообјаснување, детализирање. Тие не можат да имаат деца. Толку. И? Што натаму?

Добро, тоа е тоа, но нивната докажана, непореклива, неповторлива и непорочна љубов…Таа е поважна од сѐ, за нив е најважна. И без рожба има живот…Да посвојат дете? Ќе биде ли тоа вистинско родителство? Нека помине некое време, па…

Целосно се посветија на нивната љубов, со безгранична меѓусебна доверба и поткрепа. Години, децении…сѐ до длабока старост, сѐ до нејзината болест и неговиот мозочен удар, одземеноста на дел од телото. Во дом за старци.

На Сидор му паѓа најтешко кога ќе ѝ се доближи, ќе ѝ ги помилува образите, ќе ѝ се насмее, а таа ќе ги втренчи очите во неговите и ќе го праша рамнодушно: „Кој си ти?“. Ѝ ја знае болеста, како се манифестира, ама…Неизмерна му е радоста кога ќе ја земе неговата рака во својата и ќе му рече со нежен глас: „Сидор мој, љубов моја единствена!“

Посакува само едно: смртта да ги земе заедно, во ист миг.