39.

Мира и Александар во приземната куќа во слепата улица која како да е намерно соѕидана помеѓу две празни двокатни вили на иселеници-за да им пркоси или за да им се спротивставува со својата надворешна убавина (целата фасада од дрво и делкан камен). Александар ја наследи како син единец од татко му Филип и мајка му Олимпија. Живеат во неа веќе четири години, секој ден надевајќи се на првата рожба на љубовта, а потоа на втората, третата…Засега сѐ уште без загриженост.

Александар:

-Не можам да разберам, љубов моја, како е можно куќата на Сонцева, по нејзиниот живот со смрт, по смртта со живот, по животот во смрт и смртта во живот, да остане сама, пуста, сосем запустена. Неверојатно! При толку голема љубов, рожба, време на живост и животворност…

Мира:

-Не разбирам ни јас. На толку убаво место, во населбата Коренов живот, на левиот брег на Длабоката река која го дели Големиот град на два идентични дела и според урбанистичката структура и според животната содржина, а поврзани со неколку камени и железни мостови; со мал цветен двор и овоштарник на источната страна…Не знам што да речам. Можеби оти била сосем сама и покрај гледањето, вниманието и грижата на ближните.

Александар:

-Мораме да направиме нешто со неа и за неа. Нема кој друг.

Мира:

-Секако. Јас очекувам совреме да се најдеме со Сонцева и нејзиниот Александар III Македонски живи, кога ќе навлеземе во доблестите човекови.

Александар:

-Ти сѐ уште инсистираш дека љубовта, убавината и мудроста се најважни нешта во животот, како и доблеста еднаква со нив? Дека секогаш, во секое и во сечие време има не една, туку многу љубови, колку различни, единствени, толку блиски, па и едновремени? И остануваш на ставот дека мудроста, бидејќи во сите досегашни времиња не била најважна во животот, неретко била и денес е на нејзините маргини, па човештвото се деградира себеси со интересот не само како начин на живот, туку и како движечка сила? И натаму сметаш дека обезвреднувањето на сѐ што го затврдува и надградува критериумот за квалитет на животот значи уривање на човечкото и меѓучовечкото во човекот и му го сведува на сегашна гола егзистенција, без минато и иднина, а најнапред без никаква доблест?

Мира:

-Да, инсистирам, останувам на тој став и сметам. Но, добро знаеш дека никогаш не сум ги пренебрегнувала довербата, искреноста, постојаноста, па и возвишувањето на секој до недостижност, до недопирливост.

По којзнае кој пат стојат втренчени пред маслото на ѕидот, Александар III Македонски насликан со реалистички потези, со доминантни црвена и жолта. Очекуваат пак, по којзнае кој пат да слезе од неговиот Букефал, да им се насмевне простосрдечно, а тие да му возвратат исто така со простосрдечна насмевка.

Александар:

-Значи, отсега јас и ти, а одвреме-навреме заедно со Сонцева и нејзиниот Александар. За доблестите.

Мира:

-Се согласувам. Согласни сме дека сите што ќе ги откриеме и осознаеме како вонпросторни и вонвременски ќе вредат еднакво?

Александар:

-Да. Не може поинаку.

Мира:

-Сега да ги наредиме без ред.

Александар:

-Ајде.

Мира:

-Најпрвин доблестите чест, достоинство, скромност, кроткост и мудрост за луѓе со личен идентитет. Мошне големи, меѓу најголемите се секако одговорноста, хуманоста…Потоа хармонијата, посветеноста, пријателството, дијалогот, солидарноста, добронамерноста, доверливоста, праведноста, верноста, благодарноста. Па смиреноста, умереноста, правдата, искреноста, чистотата… Да, и трпението, грижливоста, споделувањето и дарежливоста.

Александар:

-И милосрдието и саможртвата.

Мира:

-Ќе почнеме со храброста.

Александар:

-Најсетне заедно да ја изговориме Молитвата за доблестите на Свети Нифонт, подвижник меѓу епископите.

Ја изговараат заедно, тивко, речиси со шепот:

Боже, Боже мој, Кој го простре небото како шатор и го украси co ѕвезди, сонце, месечина и облаци. Украси ме и мене наместо co ѕвезди co сите доблести.

Наместо сонцето, Светиот Твој Дух нека засветли во мојот разум. Наместо месечината, Твојата премудрост да царува во мене.

Наместо во облак, облечи ме во светлина, кроткост, праведност, опаши ги моите бедра co вистина и обуј ги стапалата мои за да се подготват да го благовестат мирот Твој.

Боже, Боже мој, Кој го излеа штедро воздухот да се раствора и луѓето да го дишат, излеј ги штедро благодатта и животворниот дар и Твојот Свет Дух на мене, па боговиден, светол и чист, чесен и сладок правејќи ме од rope до долу, полн co благодат и вистина, мудрост и духовно знаење.