17.

Сонцева била и е најпрва од сите кога е збор за љубови? Нужно е тоа да се промисли добро, најдлабоко што може, и да се одговори беспоговорно. Особено кога ќе се има на ум дека секој наум во врска со времињата, пред сите други сегашното и идното во минатото, мора да е добар. Како што му прилега на разгранат род со длабок корен.

Има неколку љубови непосредно и посредно поврзани со Сонцева, од кои две најголеми, но и многубројни што таа ги доживувала или преживувала следејќи го растењето и созревањето на нејзините ближни; со неа, близу до неа и далечни. Но таа е веќе мртва, па тоа нема никакво значење. Можеби би имало некакво кога би имало некаква трага, знак, писмо, запис. Не само во помнењето на Ма, Македон, Магнет…

Суштествено за сите љубови е откривањето и промислувањето на нивните постојаности од едни до други, па потоа од едни во други. Така мислеле браќата на Сонцева, Бриг и Сон, умрени по неа како стопени свеќи, на почетокот од деветтата деценија од нивните животи. Така мисли и Сокол, најмладиот брат, сѐ уште жив, во приземната куќа на левиот брег на Длабоката река, во населбата Коренов живот, веќе без малиот цветен двор и овоштарникот на источната страна. Тој од пред неколку години едноставно замолче, престана да разговара со кого било ближен, дури и со ѕидовите во куќата. Што се однесува на сестрите Лена и Тодора, првата четири постара, а втората шест години помлада од Сонцева, обете умрени шест ипол години пред неа, тие рано го напуштиле домашното огниште. Се омажиле во рана младост, на шеснаесет и седумнаесет години, па за љубовите не оставиле никаков исказ, од нив не е запомната мисла или макар невино младешко искуство. За нејзината најстара сестра Божана, пак, ќерката Тема и синот Габер често зборуваат дека сите свои љубови во животот ги насочила кон татко им Аристотел, надалеку прочуен со мудроста; голем домаќин, угледен трговец со минерали, грижен татко. Често велела дека сите љубови во една се огреани од изгревање до зајдување на сонцето и месечината. Умрела во средни години, на четириесет и шест, од незнајна болештина со која најверојатно ја нападнал некој од минералите при допир со голи раце. Ќерките на постарата сестра Лена, пак, Сирма и Вела, како и нејзините синови Јордан, Строгон и Угор, сите уште живи, паметат дека мајка им, умрена пред дванаесет години, на педесет и три, со многу воздишки зборувала за големата љубов со татко им Филип, во сѐ обострана. Секогаш завршувала со иста мисла: „Проживеавме неброени и секакви години јас и мојот Филип. Нашата љубов ни ја бранеше сплотеноста“.

Кога е збор за љубови, треба секогаш да се има на ум дека секој наум во врска со нејзините времиња, пред сите други сегашното и идното во минатото, мора да е не само добар, туку доживеан, соживеан, преживеан и со трага која ништо живо не може да ја избрише во помнењето. Впрочем, тоа и му прилега на разгранат род со длабок корен. Еднакво суштественото-откривањето и промислувањето на постојаностите од едни до други, па потоа од едни во други.

Може надолж и нашир да се прикажува за љубовите на питома и родна земја која се носи во себе, со која е нераскинливо поврзано сѐ во личниот и колективниот опстој. Може, ама не мора, не е нужно. Зашто во нив нема што не се знае. Па најсетне сѐ ќе биде по којзнае кој пат непотребно повторено. Има само едно нешто непорекливо, како вечно: Сонцето и Сонцевата крв само заедно се бесмртни.