25.

Студиите на Астрал, син на Сонцева, класичен филолог, страстен проучувач на историјата на древните Македонци, се докажани и почитувани како мошне критички анализи, согледби и становишта. Постојано, во текот на целата година држи предавања на бројни универзитети во светот, па е сосем разбирливо што е најсреќен кога е дома, во неговата Македонија, во Скопје, во двокатната куќа на планината Водно, под првите костени на густата парк-шума; во кругот на семејството-неговата друшка Пламенка и нивните синови Павле-дваесет и тригодишен и Стефан-деветнаесетгодишен, обајцата веќе обземени од посветеноста на татко им.

Последниве неколку заеднички вечери Астрал мошне уверливо, но не премногу стручно, задржувајќи се на основните знаења и сознанија но пренесувајќи и од она што го прочитал некаде патем, им ги докажува љубовите на Александар Трети Македонски. Што е особено интересно за него, но не реагира никако: тие го слушаат со внимание, а му го прекинуваат исказот не со прашања или коментари, туку цитирајќи наглас пасуси и мисли од „Никомахова етика“ на Аристотел, „оживувајќи ги“ Александар и неговите љубови во 3Д техника и смислувајќи дијалози помеѓу нив. Пламенка, пак, е вообичаено молчелива, незаинтересирана и снове низ просториите. За делото на Аристотел тројцата се согласни дека е од непроценлива важност најнапред за зреењето и оформувањето на Александровата личност, а потоа за човечкото во секој човек:

„Кај Александар љубовите и доблестите секогаш оделе, се движеле, се остварувале заедно или наспоредно со еднаков интензитет, а неретко и со жестока страст. Уште пред да стане крал на Македонија, во 336. година пред Христа, кога наполнил дваесет години, а веднаш по убиството на татко му Филип II. Љубовите му се малку познати, откриени и осознаени, а што не е случај со доблестите. Тие се познати речиси во сите детали. Биле собено искажувани и нагласувани при војувањата.

Она што е знајно за љубовите на Александар III Македонски:

Станува збор за три сопруги, три љубовници односно конкубини, со една од нив имал син, како и за три жени за кои е веќе неспорно дека му биле љубовници.

Кампаспа е негова прва, многу убава конкубина. Се именувала и како Панкаспен. Според Плиниј, таа била ангажирана, со посебен договор за висок хонорар, да го научи младиот Александар како се води љубов. Него го восхитила нејзината убавина, па му наредил на својот сликар Апелес да ја наслика гола. Тој, пак, додека ја сликал се вљубил во неа, па Александар ја ослободил од обврските. На сликарот му била модел за една слика на божицата на љубовта Афродита“.

Стефан чита наглас од „Никомахова етика“, Книга II:

„III-1. Како знак дека особините се формирале мораме да го земеме чувството на задоволство односно незадоволство кое ги придружува дејствијата: оној што се одрекува од чулните уживања и во тоа одрекување наоѓа радост е умерен, оној што притоа трпи е неумерен. Исто така, оној што им се спротивставува на опасностите и тоа го прави со задоволство или барем без жалење е храбар, оној што тоа го прави со мака е кукавица. Зашто основно кај моралните особини се придружните чувствувања на уживањето или незадоволството-поради уживањето ние го правиме она што е лошо, а поради незадоволството пропуштаме да го направиме она што е добро“.

На екранот на латпопот Павле чита дијалог помеѓу Александар и Кампаспа, следејќи го нивниот љубовен танц над цветна ливада:

„Александар:

-Ме восхитува твојата убавина, Кампаспа. Ако ѝ е рамно твоето знаење и искуство во водење љубов, не ќе треба многу време да си посветиме еден на друг.

Кампаспа:

-Господару мој, убавината на жената е минлива, а нејзината опитност во љубовта времена. Се надевам дека ќе траат доволно долго за да те научам на сѐ што знам за телесното задоволство и страста во сексот.

Александар:

-Кога го гледам твоево раскошно голо тело, ми иде сомнеж дека сексот и љубовта се разликуваат и можат тој без неа, таа без него. Веќе доволно знам за нежностите и предиграта, па можеме да почнеме од…

Кампаспа:

-Господару мој, моево тело е веќе целосно отворено за Вас. Огнот во мене бавно да го разгорувам, сѐ посилно и трпеливо да го пренесувам во Вас. Секоја љубов е љубов, ги сплотува сите чувства во нас, а телесната страст е секогаш возвишена. Најважно и најнапред: меѓусебното освојување е всушност запознавање, а потоа предавање до изнемоштеност.

Александар:

-Јас ти се предавам, убава жено!“

Продолжува Астрал со докажувањето на љубовите на Александар III Македонски:

„Барсина е историски потврдено дека била втора љубовница на Александар III Македонски. Била ќерка на персиски аристократ по име Артавазда, а како млада девојка поради политички причини била принудена со семејството да побегне од Персија во Македонија. Татко ѝ на Барсина бил чест гостин во дворецот на Филип II и му предавал важни информации за односите помеѓу членовите на персиската владејачка елита, а кои подоцна на Александар ќе му помогнат во освојувањето на Персија. Барсина и Александар се сретнале повторно по македонската победа во битката кај Ис, во 333. година пред Христа, кога Александар меѓу другите ги заробил жената и ќерките на персискиот крал Дариј III, како и Барсина.

Љубовта со Барсина во 327. година пред Христа го донела на свет првото дете на Александар, Херакле, кое било убиено по две години во меѓумакедонските војни по Александровата смрт.

Многумина потенцираат дека Барсина и Александар не стапиле во брак. Претпоставуваат затоа што таа претходно веќе двапати била во брак со персиски генерали од грчко потекло, но е многу поверојатно дека Александар не чувствувал потреба од такво крунисување на нивната навистина голема и длабока љубов. Последните години од животот таа ги минала во Македонија“.

На екранот на лаптопот Стефан чита дијалог помеѓу Александар и Барсина, легнати на брег на сино езеро, пред нив, втренчено загледани во неговите сѐ поголеми бранови:

„Александар:

-Барсина, љубов моја, со тебе сум непобедлив на светот. Како секој што е со која било жена во љубов. Искрена? Непорочна? Или минлива? Или немерлива? Сеедно каква е, само да е наспроти секидневноста и животворна.

Барсина:

-Господару мој, од твоето семе во мене ќе се роди машко дете кое со силата ќе биде рамно на Херакле.

Александар:

-Ако се роди машко, Херакле ќе го крстиме.

Барсина:

-Господару мој, кога водам љубов со тебе јас не сум во стварниов свет, туку во заумен, само наш. Непрегледен и сѐ во него во рамновесие“.

Павле чита наглас од Аристотеловата „Никомахова етика“, Книга VI:

„III-2. Што значи знаењето, ако треба строго да се држиме до поимот а не одиме по аналогии, ќе биде јасно од следното. Сите ние сме убедени дека она што го знаеме може да биде само така (како што го знаеме ние) и никако поинаку, зашто за она што може да биде и поинаку не може да се утврди дали е или не е така ако повеќе не е изложено на нашето непосредно посматрање. Сѐ што се сознава е нужно, па според тоа и вечно-зашто сѐ што е апсолутно нужно, тоа е и вечно, а сѐ што е вечно нема ни настанок ни пропаѓање.

-3. Потоа, општо е мислењето дека секое знаење може да се предава, а содржината на знаењето да се научи. Меѓутоа, сето поучување (предавање на знаење) се заснова на претходно постоечко знаење, како што тврдевме во нашите списи за аналитиката, и тоа на два начина: по пат на индукција и по пат на заклучување (со силогистичка постапка). Освен тоа, индукцијата е принцип за општи судови, а силогизмот поаѓа од тие општи судови. Но постојат и принципи од кои се истакнува силогизам, само што тие не можат да се докажуваат со силогистичка постапка, туку со индукција.

-4. Според тоа, знаењето е способност за докажување и така натаму, сѐ до она што го наведовме за одредување на неговиот поим во нашите списи за аналитиката. Човек знае штом ќе се убеди на некој начин и кога му се познати принципите. Ако не ги познава тие принципи подобро одошто оттаму извлечените последици, т.е. заклучоците на силогизмот, тогаш неговото знаење ќе биде само случајно“.

Продолжува Астрал загледан во небото со ѕвезди и Месечина:

„Интересна согледба и заклучок за кралицата Статира, сопруга на персискиот крал кого Александар го поразил во битката кај Ис, а неа ја заробил:

Плутарх сведочи дека Статира умрела при породување, и тоа точно еден месец пред почетокот на битката кај Гавгамела, на 1. октомври 331. година пред Христа. Значи, девет месеци пред тоа имала секс со маж и забременила. Ако се има предвид дека како жена на персиски крал никој друг не смеел да има сексуален однос со неа, а од битката кај Ис до нејзината смрт имало само двајца кои се сметале себеси за кралеви на Персија-Дариј III и Александар, треба да се знае дека постојат две писма од Александар кои му ги напишал на Дариј и во кои му нагласува дека се смета себеси за господар на цела Азија, вклучително и на Персија, како и тоа дека од битката кај Ис до битката кај Гавгамела минале речиси две години, тоа значи само едно: дека единствено Александар имал право и можност да има секс со Статира.

Според мене, мошне интересна е љубовта со грчката конкубина Таис. Имено, по освојувањето на градот Персеполис на забавата таа го замолила Александар да ѝ дозволи да ја запали кралската палата, изработена од скапоцено дрво. Ѝ дозволил како потврда на голема љубов, иако подоцна жалел и поради тоа ја раскинал врската со неа. Подоцна таа станала египетска кралица стапувајќи во брак со генералот Птоломеј, кој по смртта на Александар станал крал на Египет.

Љубовница на Александар III Македонски била и кралицата на Амазонките Талестрис. Плутарх се сомнева во веродостојноста на таа љубов, но посебно внимание ѝ посветува староримскиот историчарот Квинт Курциј Руф. Наводно таа дошла од регион покрај Црно Море и го замолила Алкександар да имаат секс. Тој сметал дека е некултурно да одбие дама која го моли учтиво, па „тринаесет дена ѝ служел на нејзината страст“. Таа си заминала дома откако утврдила дека забременила. Меѓутоа, она што е историски потврдено е дека спиел со жена која старогрчките и староримските историчари ја запишале како Талестрис“.

Павле продолжува да чита наглас од „Никомахова етика“, Книга VI:

„IV-4. „Целокупната уметност е насочена на создавање; таа е ангажирање на вештината и посматрањето за да настане нешто од оние ствари кои можат да бидат и да не бидат, а чиј принцип е во лицето кое создава, а не во стварите кои тој ги создава. Зашто уметноста не се занимава со она што нужно постои или настанува, ниту со она што постои или настанува по природа; зашто тие ствари имаат принцип на свое постоење веќе во себе.

-5. Значи, ако творештвото и работењето се две различни ствари, тогаш уметноста нужно му припаѓа на творештвото, а не на работењето. Во извесна смисла уметноста и случајот работат на создавање на исти предмети, како што вели Агатон:

„Среќата секогаш ја сака уметноста, уметноста среќата“.

-6. Значи, уметноста како што рековме, е способност за создавање условена од правилно расудување; а нејзина спротивност е способност за создавање но со неправилно расудување; и едното и другото е насочено на она што може да биде и поинаку“.

На екранот на лаптопот Стефан молчешкум ги следи „оживеаните“ во 3Д техника Александар, Статира, Таис и Талестрис, во каменит и пустински предел. Сите немо ги гледаат ту изделканите мермерни статуи на едни незнајни Александрови воини, со напнати тела, со штит, меч, стрела или копје во рацете, и на други еднораки, едноноги, со отворени крвави рани или со прободени срца со копје; ту ковачи на вжештено железо, кројачи на кожи и крзна и изработувачи на оружје. Над нив сонце со осум големи и осум помали краци среде кои во круг е стилизирана зелена роза.

На екранот на лаптопот Павле го чита наглас дијалогот помеѓу Александар и Роксана. Тие се на врв на висока стена, обземени од сончевина, а околу неа луѓе во спокој, жизнерадосни, со раце кренати кон нив:

„Александар:

-Роксана, љубов моја најголема и најдлабока, друшке моја. Нема ден, нема ноќ да не сум со тебе, да не си со мене во сите мигови што се дел од моето и твоето интимно време. Сал со тебе одново сосем им се препуштам на моите чисти пориви, болки, радости, таги, походи и подвизи. Сал со тебе ја докажувам и продолжувам својата опстојба.

Роксана:

-Александре, Господару мој, твоја сум додека сум жива, само твоја ќе бидам во смртта. И кога не сум со тебе, и кога нема да бидеш со мене. Те следам и ќе те следам докрај, до твојата последна цел, до твојата последна битка.

Александар:

-Знам, друшке моја, дека ти ќе ме надживееш. Чувај го, расти го нашиот Александар. Тој треба да ме наследи“.

Прикрај е оваа една од последните неколку заеднички вечери на Астрал дома, во неговата Македонија, во Скопје, во двокатната куќа на Водно, под првите костени на густата парк-шума. Уште некоја заедно со друшката Пламенка и нивните синови Павле и Стефан, па во Австралија, во Мелбурн, на уште еден семинар на тема „Судбината на древните цивилизации и придонесот на македонската во втемелувањето, затврдувањето и разгранувањето на современите цивилизациски вредности“.

Го привршува докажувањето на љубовите на Александар III Македонски:

„Среде сите љубови на Александар е секако Роксана, првата сопруга. Потекнува од Авганистан, а татко ѝ Вакшувадарва бил многу моќен и влијателен. Се согласувам со некои историчари дека тоа била голема љубов, а не брак склопен од политички побуди. Му родила две деца. Првото било мртвородено, а второто е познато како Александар IV. Било убиено кога наполнило дванаесет години, како пион во борбите на фракциите во меѓумакедонската војна.

Набрзо по смртта на Александар III Македонски Роксана со својот син заминала во Македонија и со помош на Олимпија се обидела со интриги и маневри да ја преземе власта. Обете не успеале да ги надмудрат генералите. Биле убиени двете и момчето.

Не треба да се заборави и на Клеофис. Во денешен северен Пакистан Александар се запознал со кралицата на градот Масага. Таа ги сакала Александар и неговата војска како заштитници, но во неа се разгорел и пламенот на страста. Спиела со него и му родила син кој го добил името Александар. Нема историска потврда за нивната судбина, но се знае за народот Хунзи кој денес предизвикува сѐ поголемо внимание. Имено, тие себеси се сметаат за наследници на Александар Македонски, а нивни водачи за потомци на Александар III Македонски.

За принцезата Статеира, ќерка на персискиот крал Дариј III, е најнепосредно врзана големата групна свадба во Суза што ја организирал Александар за себе и за своите генерали. Сите се ожениле за персиски аристократки, а таа веќе била возрасна за да му стане сопруга. Кога умрел македонскиот војсководец таа била бремена, па генералите решиле да ја убијат фрлајќи ја во бунар. Се шпекулира дека за убиството ја обвиниле Роксана.

Како трета сопруга на Александар, која исто така стапила во брак со него на големата свадба, се наведува Парисатида, персиска принцеза, ќерка на претходникот на кралот Дариј III, Артаксеркес“.

На екранот на лаптопот Павле и Стефан почнуваат љубопитно да гледаат документарен филм за Хунзите, стар народ сместен на просторот наречен „Оаза на младоста“, на реката Хунза, на границата помеѓу Пакистан и Индија.

Во еден час пред полноќ заедничката вечер ја завршува Стефан со гласно читање на подвлечено во „Никомахова етика“ на Аристотел, во Книга VIII:

„III-6. Совршено пријателство е она што врзува луѓе добри и со слични морални квалитети. Тие едни на други им посакуваат добро на сличен начин затоа што се добри (а добри се сами по себе). Најдобри пријатели се оние кои на својот пријател му сакаат најголемо добро поради него самиот (од наклонетост спрема самата личност, без оглед на надворешните обзири). Нивното пријателство трае сѐ додека се тие добри, а добродетелта, се знае, е трајна и постојана. Освен тоа, во таквото пријателство и едниот и другиот е добар и по себе и спрема пријателот, а луѓето кои се вистински добри, добри се и апсолутно (т.е. по себе) и релативно (т.е. спрема друг); тие се и корисни еден на друг, а и пријатни (зашто добрите луѓе се пријатни и воопшто и едни спрема други). Имено, на секој човек му се случуваат оние постапки кои одговараат на неговата природа или се слични на неа, а постапките на добрите луѓе се еднакви или слични меѓусебно.

-7. Се разбира дека ова пријателство е постојано, зашто тоа ги опфаќа сите услови за вистинско пријателство. Имено, секое пријателство има за цел или некое добро или некое задоволство и пријатност, и тоа или апсолутно или релативно, во однос на пријателот и во смисла на извесна сродност на суштествата. Во таквото пријателство сите наведени услови се веќе во самите личности (зашто и едната и другата во тој поглед се слични, а и инаку); дотолку повеќе, во таквото пријателство е содржани и апсолутното добро и апсолутната пријатност, а бидејќи тоа се првенствено причини за пријателство, и љубовта и пријателството помеѓу таквите луѓе се најинтензивни и најсовршени.

-8. Се разбира дека таквите пријателства се среќаваат ретко, зашто има малку такви луѓе. Освен тоа, за тоа се потребни и време и навики на заеднички живот зашто, како што вели пословицата, човек не познава човек додека не изеде со него позната мера (вреќа) сол, ниту може да се зближи или спријатели со некој пред обете страни да се уверат една за друга дека се вредни за пријателство и достојни за доверба.

-9. Луѓето кои се спријателуваат брзо би сакале радо да бидат пријатели; но тие тоа не се ако не се вредни за љубов и ако тоа не го знаат еден за друг. Желбата за пријателство се раѓа брзо, но пријателството не.

Тоа е совршено пријателство како во поглед на траењето, така и во секој друг поглед. Тука сите наведени услови се исполнуваат и едната страна ѝ укажува подеднакви обзири на другата онака како што и треба да биде помеѓу пријатели“.