24.

По „Нешто како вовед“ празна страница, па по неа густо и по малку нервозно испишан текст:

„Мене ми е многу тешко, а не сум единствена, да зборувам или пишувам за љубови што ми биле еднакви и едновремено единствени. Сум прочитала многу дела на знајни и малку знајни писатели кои напишале песни, раскази и романи за една, изделена, над сите, но не паметам дека сум прочитала нешто за такви како моите.

Зошто ми е тешко да зборувам или пишувам за нив? Не знам. Поточно не сум сигурна дека знам. Најмногу ми се наметнува мислата дека јас сум ги имала, сум ги доживувала и чувствувала како такви. Траеле колку што траеле зашто не биле целосни, сосем не ме исполнувале, ниту биле споделувачки. Да, како такви оставале траги, оставиле лузни во мене; во мојата свест, во моето паметење, во моето срце, на моето тело.

Љубовите како животно искуство? Мислам дека тие се врзуваат со некој дел или некои делови од него сосе животното доба. Повеќето од моите се врзани за откривањето и осознавањето на стварниот свет на почетокот од зрелото. Во поодминато и средно доба две од шесте, едната седум ипол месеци, другата пет, и една две години. Исчезнувам на триесет и четири години и скоро ќе исчезнам на не повеќе од триесет и седум. Така сум решила. Немам објаснение зошто.

Што е со споделувањето во моите љубови? Не мислам на оние што траеја неколку дена и ноќи, случајни и исполнети со премногу баналности. Веќе забележав во воведот на дневников, во нив имам споделено многу лични, секидневни, повторливи и неповторливи нешта. Особено во двегодишната со Сокол Ѕвезданов.

Сокол беше уметничка душа, вајар и голем љубовник. Секако најмногу затоа траеше две полни години, со три лета и по две другите годишни доба. Точно така. Почна во летото на 1973. година, а престана на крајот од летото 1975., по последната од многуте ноќи поминати во огнена страст, до премалување.

Тој се восхитуваше на моето голо тело. Постојано нагласуваше дека е „совршено хармонично“, а сексот секогаш го почнувавме откако со педа ќе го измереше од глава до петици. Одделно лицето од челото до брадата, потоа од подбрадокот до папокот, па од него до меѓуножјето и конечно од него до петиците. Како да проверуваше да не се променила некоја од димензиите на тие делови. Го истражуваше притоа? Не, само го милуваше и го покриваше со врели бакнежи. Потоа силно и жестоко, напати грубо и болно влегуваше, просто продираше во мене. Кога премалени постапно ги враќавме спокојните дишења не пропушташе да каже мошне уверливо: „Ќе умрам откако конечно ќе те извајам совршено“. Ме вајаше, завршуваше и пак почнуваше, но не успеа.

Разбрав дека умрел ненадејно од инфаркт едно пролетно утро на 1980., во своето ателје. Го нашле склопчен на подот помеѓу две сосем исти скулптури на гола жена со совршено хармонично тело. Се разбира, јас.

А можам и вака да ја докажам двегодишната љубов со Сокол Ѕвезданов:

Сокол целосно ѝ се предаваше на нашата љубов и ја величеше до небо. Често велеше восхитено дека таква никогаш немало, ниту ќе има некогаш. Тој ќе се погрижи да ја овековечи со дело. Не какво било, во позната или недефинирана форма, со додадена или одземена содржина, туку дело во кое моето тело и мојата огнена страст ќе бидат испреплетени со неговиот креативен дух. Токму така велеше, а на мојата збунетост и неброени прашања одговараше со загадочна насмевка: „Трпение, мила моја. Само трпение. Најпрвин да го извајам, да го освојам твоето совршени хармонично тело“. Пред никого како пред него не сум стоела толку често и долго гола, а на негови инсистирања и во секакви сексуално предизикувачки пози.

Нашата љубов сѐ повеќе слабееше, бледнееше, се гаснеше со неговото постојано креативно, па и психофизичко слабеење. На обајцата ни стана јасно дека таа нема да биде овековечена, туку напротив, скоро ќе стане една од моите и неговите минливи, па и маргинални, без оглед на времетраењето. Откако направи дури дванаесет скулптури и во една ноќ на заедничка рамнодушност, поточно студенина помеѓу нас сите ги испокрши на стотина парчиња.

Се разделивме едно утро што најавуваше уште еден жежок ден. Пријателски, без збор. Всушност, тој ме напушти. Излезе без поздрав од неговото ателје, а откако не се врати до доцните ноќни часови ми беше јасно дека е сѐ готово. Час пред полноќ излегов и јас и продолжив четири месеци да живеам самотно во Големиот град, во стан во висококатница, на десниот брег на Длабоката река. Одвреме-навреме на гости ми идеа Искра, Астрал и Извор, а Извор два-три пати ме водеше на забави во ноќни клубови.

На една од нив го запознав Јане Дабески, менаџер во една информатичка компанија. Таа моја љубов, за жал не и наша, како животно искуство траеше цели пет месеци. Велам цели оти брзо узнав дека траеше предолго.

Можам и уште вака да ја докажам двегодишната љубов со Сокол Ѕвезданов:

Се разбира дека таа не беше само секс до премалување, мое позирање гола додека креативно, напати импулсивно, напати за мене неподносливо бавно го вајаше моето „совршено хармонично“ тело. Напротив, содржеше и секидневни баналности и заеднички откривања и осознавања на стварноста. („Ставрноста не е груба, туку ние огрубуваме во неа“, велеше) За мене со време станаа насушни неврзаните разговори при вечерните прошетки низ тесните улички на стариот дел од Големиот град, на левиот брег на Длабоката река. (Никогаш не го однесов во приземната куќа на мајка ми Сонцева, во населбата Коренов живот. Немаше причина, ама ете.)

Еден од суштествените за нашата љубов, кој го имам запаметено од збор до збор:

Јас:

-Нашава љубов е единствена и неповторлива, Соколе мој?

Тој:

-Се разбира. Ама знаеш, сите се такви, Огнена моја. Доколку се искрени и споделувачки. Јас искрено не можам да изнаредам, да избројам сѐ што споделувам со тебе. И лично и секидневно и повторливо и неповторливо. Најнапред вредностите.

Јас:

-Да, вредностите на нашата љубов.

Тој:

-Токму тие се наши, единствени и неповторливи. Возбудите, нежностите, спокојот, рамновесието помеѓу стварниот и заумниот свет во кои сме некое време или мигум, и секако сексуалноста и сладострасјето. Јас во тебе не како освојувач на твоето тело, туку како сплотување на мојата и твојата животворност.

Јас:

-Си имал многу љубови како јас?

Тој:

-Секако, како секој. Личен проблем е дали се признава тоа или не. Пак велам, суштината на многуте љубови е во вредностите наспроти половите и секакви други односи кои се полезни, бесполезни, целни, самоцелни, причински или последични. Еднакво важно е и нивното времетраење.

Јас:

-Колку ќе трае нашава, Соколе мој?

Тој:

-Зависи само од нас.

Многу и долго ме болеше неговата смрт“.

Македон го затвори малиот бележник-дневникот на Огнена и го врати во дрвениот ковчег на Сонцева. И сега, како во изминатите денови, по прочитувањето на првите страници со наслов „Нешто како вовед“, почна да го мачи прашањето дали е в ред да продолжи да го чита.