21.

На сите ближни и пријатели на Сонцева, на сите возрасни во населбата Коренов живот, па и на повеќето жители на Големиот град, незаборавна, најпозната, единствена, според некои и најголема на сите времиња е љубовта на синот на Божана, најстарата помеѓу браќата и сестрите, стамениот Габер. Знаена е и судбината на нејзината преубава ќерка Тема, кој починала на млади години, штотуку наполнила деветнаесет, но за неа се зборува нерадо оти ја сметаат за неизбежна и сѐ почеста како последица на стресниот урбан живот. Имено, таа, како и од ден на ден сѐ повеќе нејзини врсници и врснички, почнала сѐ почесто да учествува во ноќни забави со пијанства, секс и дрога. Едно студено зимско утро нејзиното мртво испиено тело било пронајдено помеѓу два контејнера преполни со секакво ѓубре. Многу денови потоа често ја барал на мобилен некојси Петар, претставувајќи се како нејзино момче со кое споделувала сѐ, не прифаќајќи ја информацијата дека е мртва. Ќерките, пак, на постарата сестра на Сонцева, Лена, Сирма и Вела, како и нејзините синови Јордан, Строгон и Угор доживеале повеќе љубови, од кои сите освен Угор ги живеат секидневните вообичаени приклученија и премрежија. Особено живеејќи го животот борејќи се здружено против живуркањето.

Најголемата, незаборавна и единствена љубов на Габер се викала Сирма. Била и е за некои жители на Големиот град најголема на сите времиња затоа што според сѐ се изедначувала со брачната љубов помеѓу Филип II Македонски и епирската принцеза Олимпија, од која во 356. година пред Христа, на шестиот ден од хекатомбајон, месец од Македонците нарекуван лоос, се родил Александар III Македонски. Со многу назнаки поголема и од љубовта помеѓу Александар и Роксана. Сепак, судбината решила од неа да нема рожба, да остане без потомство; на Сирма поради миом со операција целосно ѝ била отстранета матката, а за Габер било мошне трауматично откритието дека останал неплоден по прележани заушки на седумнаесет години, непосредно пред нивното среќавање и запознавање. Конечно осознале дека немаат заедничка иднина без рожба, па се разделиле за никогаш повеќе да се видат, да се сретнат и да бидат заедно.

Ѝ било чудно кога нивната љубов Габер ја споредил со љубовта на Филип и Олимпија. Немала никаква претстава за нив. Само прочитала некаде и некогаш дека тој бил строен маж и страсен љубовник; таа со својата убавина и складна става предизвикувала восхит кај мажите, а кај жените нескриена завидливост. Споредбата ѝ ја наметнал при заедничко едновремено будење од длабок сон во рани зори, вообичаено по долга и одвај контролирана сексуална игра.

Сирма:

-Ноќеска доживеав оргазам како гром да удри во мојата утроба. Ме запали, горев, а не можев да придвижам ни делче од мојата снага.

Габер:

-Јас, пак, сонував ист сон каков што сонил Филип II Македонски. Ја запечатувам твојата утроба со печат со изгравиран лав…Знаеш, мила моја Сирма, да бевме во нивно време ќе бевме маж и жена. Ти твојот оргазам ќе го поврзеше со громот на Ѕеус односно Амон односно Најос, кој ќе ни беше семеен бог заштитник, а јас, пак, ќе знаев дека си бремена и ќе ми родиш син со лавовски карактер.

Сирма:

-Од кај ти дојде таа споредба?

Габер:

-Веќе ти кажав дека пишувам романи. Штотуку пишувам нов за нескротливата и единствена љубов. Како нашава.

Сирма:

-А каква врска има времево на нашава со на нивната?

Габер:

-Токму тоа е поентата: изедначување на дамнешни времиња со сегашно, со нивно едновремено постојано обновување и продолжување како живот.

Сирма:

-Навистина интересно.

Сѐ до разделбата, по осум месеци заедничка живеачка, за обајцата мошне болна а за сите ненадејна и изненадувачка, никогаш повеќе, во ниедно нивно заедничко време не се навратија на оваа тема.

Нема друго објаснение за мислењето на некои жители на Големиот град дека љубовта помеѓу Габер и Сирма е најголема на сите времиња, затоа што според сѐ се изедначува со брачната љубов помеѓу Филип II Македонски и епирската принцеза Олимпија, а со многу назнаки е дури поголема од љубовта помеѓу Александар и Роксана, освен увереноста дека многубројни траги, знаци и артефакти докажуваат колку токму љубовта како нивната, чиста, интензивна и деноноќна, го докажува опстојот и продолжението на животот од древни времиња до денес. Најстарите паметат дека Сонцева често го нагласуваше тоа кога говореше за моќта на Сонцевата крв.