19.

Сѐ е испомешано во мислењето и паметењето на Аристотел Мраморов.

Ја познаваше Сонцева како млада, прекрасна невина девојка, потоа како жена домаќинка, верна, со непорочна љубов, немерлива кон сите ближни, пријатели и познајници, а мошне темелно ѝ ги проучи премрежијата сѐ до смртта. Го восхитија нејзините години на самост на левиот брег на Длабоката река, во приземната куќа во населбата Коренов живот; со мал цветен двор и овоштарник на источната страна. Години на самост?! Никако не можеле да бидат! Совреме го откри суштественото за нив: да е со ближните и кога не е, заедно со нив доживотно да ја одржуваат, поддржуваат и да ја негуваат љубовта сосе постојаноста на опстојот. Притоа живеењето, особено одживувањето на стварноста да биде што повеќе предвидливо, а надевањето и сонувањето да бидат главни придвижувачи напред, кон согледлива или предвидлива цел.

Аристотел Мраморов често се среќаваше со сите ближни на Сонцева. Oсобено со Извор, Ѕвездана, Иле и Огнена. И тоа едновремено или наспоредно со Александар. Секоја од тие средби беше различна, или поводно или последично, а оставаше неизбришлива трага во нивното заедничко време. Тој на сите им придава еднакво значење, но не е сигурен дека е така и кај нив. Зошто да бидат? Најпрвин, тие им припаѓаат на различни времиња и различни генерации. Не само кога е збор за временската, па и просторната раздалеченост помеѓу ближните на Сонцева и Александар. За него таа нема никаква детерминанта, ниту каква годе ограниченост. Неретко успеваше во нив со мисла и дело да ја надмине наспоредноста.

Аристотел Мраморов ни за миг не може да се ослободи од трагичноста на спротивставеноста на ставовите за минатото на Ма и Иле, и за сегашноста сосе иднината на Александар. Сѐ повеќе се убедува себеси дека токму таа е најголемата причина за непостојаноста, загрозувањето на опстојот и бришењето на националниот идентитет на многу древни и сегашни народи. Посвети многу среќавања на оваа тема, им ја наметнуваше на сите, за конечно да се помири со заборавот во кој неминовно тонеше забрзано. Особено откога почна умирањето на Александар и дните по неговата смрт. Секако дека последното среќавање беше последно за сите бидејќи веќе не можеа да се согласат барем дека сите времиња се исти, а во нив е различна само животворноста.

Тоа се случи во обновената Александриска библиотека, единаесеткатницата од стакло и бетон, пред гранитниот ѕид со букви од многу светски јазици, во јавната читална. Разговараа молчешкум и со гледање во очи.

Ма и Иле, надополнувајќи се еден со друг:

-Александар, ти секако не забораваш дека сонцето и розата на средината на твојот штит се наши симболи за навек. И ќе продолжиш како досега, без оглед на сѐ, да ги посетуваш нашите храмови на Олимп и на Хиперикон.

Аристотел Мраморов:

-Морате да имате предвид дека е веќе трагична спротивставеноста на вашите ставови за минатото и сегашноста сосе иднината. Ако конечно не ја надминеме сите заедно, макар ова да ни е последно среќавање, само ќе се затврди непостојаноста, загрозувањето на опстојот и бришењето на националниот идентитет на нашиот вековит народ.

Го пресекува во збор Александар:

-Напротив, јас мислам дека таа наша спротивставеност не е толку голема и не може да предизвика такви трагични последици. Јас исто како Ма и Иле сметам дека минатото е мошне важно, како коренот за стеблото, лисјето и плодовите, и мора да се истражува и осознава до кајшто стасало најдлабоко во времето. Но, сегашноста сосе иднината го осмислува животот, му дава очекувана содржина.

Ма и Иле едногласни:

-Ние мислиме дека секогаш кај кој било народ минатото е стожерно, дури најпрепознавачко во сите времиња. Сѐ што се случува во сегашноста или веќе се случило или допрва ќе биде забележано во него. Затоа го истражуваме и осознаваме на нашиот-древниот македонски народ и древната цивилизација. Аристотел ја оценува како трагична спротивставеноста на нашите ставови во однос на континуитетот на опстојот и одбраната на националниот идентитет.

Аристотел Мраморов:

-Така е. И се обидувам, ама не можам да разберам зошто ти, драг наш Александар, често и сега се поистоветуваш со Александар Македонски кога заедно ги проучуваме неговите походи. Да, знам, разбирам, како игра и не сосем. Особено не јунаштвото, бестрашноста и победоносното предводништво. Јас како негов учител и верен придружник можам да ти потврдам дека неговите походи беа освојувачки, но не поробувачки како крајна цел. А и твоите карактерни особини се поразлични од неговите. Ја немаш неговата страсност и тврдоглавост наследена од мајка му, твоето освојување на непознатото не е толку изразено, а твоето херојство е неспоредливо со неговото. Блиски сте според практичноста, волјата, енергијата и нескротливоста, што тој ги наследил од татко му.

Дофрлува Ма гледајќи продорно во Александар:

-Треба да провериш, можеби тој ги наследил од нас.

Аристотел како да не ја дослушува, продолжува:

-Во библиотекава откривме дека откако го ослободил Египет од Персија и бил прогласен за син на египетскиот бог на сонцето Амон, во 332. и 331. година, Александар го сметал него за свој татко. Александрија што ја основал тој е можеби најважна за сегашноста како траење и предвидливост на иднината, а за што биле свесни кралевите од династијата Птолемеи. Наредил да се изгради библиотекава која продолжува да опстојува, обновувана дваесет години и отворена во 2002. година , и покрај Цезаровото, христијанското и муслиманското уништување. Секој штом ќе влезе во ова здание не се поистоветува со Александар Македонски и неговото славно време, туку со сонцето на неговиот штит и розата на средината. Зданиево е како сонце на хоризонтот.

Стануваат и со восхит прават прошетка низ останатите простории- салите за предавања и планетариумот. Аристотел Мраморов во улога на сведок и водич низ минатото:

-Александирската библиотека почна да ја гради во кралскиот кварт Брукеон Птолемеј Први Сотер, а ја заврши во 283. година пред Христа Птолемеј Втори Фиделф-Сотер. Беше сосем поинаква од сегашнава. Имаше шеталшите, градини, простории за заеднички ручеци, читални, амфитеатри и соби за состаноци. Над библиотхекаите, ролните папирус, стоеше напис „Место за лечење на душата“. И јас, како многумина други во мое време, подарив колеција свои книги.

Прв управник на Александриската библиотека беше Зенодотус. Тој го устрои алфабетското обележување.

Според мои сознанија, во библиотеката имаше околу 750.000 папируси, а тој број постојано се зголемуваше со преземање и плаќање на оригинални, со враќање на копии од нив на нивните слопственици. Имаше папируси од Асирија, Грција, Персија, Египет, Индија и други земји. Во Музејов живееја и работеа над стомина научници кои истражуваа, им држеа предавања на студентите, пишуваа книги и вршеа преводи на документи. Книгите беа сместени во комплексот згради, од кои главни беа Музејот и Сераписот, а централниот дел беше наменет за истражување и содржеше десет големи сали.

Запираат пред влезот. Аристотел потсетува како да предупредува:

-Јас и Александар Македонски починавме во текот на една година-тој во Вавилон во 323, а јас во Евбеја во 322.

Александар стои сам пред влезот на Александриската библиотека, замислен. Пред да се разделат, ветувајќи си меѓусебно дека никогаш нема да се заборават, туку ќе продолжат заедно во постојаноста, се согласија дека сите времиња се исти, а во нив е различна само животворноста.

Аристотел Мраморов ја изделува средбата со ближните на Сонцева, Извор и Огнена, како и други наспоредни со Александар, кога во нивното заедничко време се проблематизира рожбата како продолжување на самосвојноста и самобитноста на личноста. Таа се случи на зајдисонце пред Музејот на непокорноста, во центарот на нивниот град Скупи. Траеше кусо, само неколку минути, како тие и тој да доцнат некаде или секој има своја намисла што сака да ја оствари колку што може поскоро.

Извор:

-Не очекував да се сретнеме баш овде, пред Музејов. Случајно или намерно?

Огнена:

-Нели нема ништо случајно во животот, Аристотеле Мраморов?

Аристотел Мраморов:

-Тоа заедно одамна сме го осознале. И во музејов и пред него, пред неговиов влез се доближуваат, се изедначуваат, во не мала мера и се проткајуваат нашите различни времиња и генерациските разлики.

Огнена:

-Ние во него наоѓаме одговори на многу прашања што ни се важни.

Аристотел Мраморов:

-На пример?

Огнена:

-На пример зошто во нашево време рожбата сѐ помалку значи продолжување на самосвојноста и самобитноста на личноста.

Аристотел Мраморов:

-И? Каков одговор најдовте?

Извор:

-Таа никогаш не била тоа. Најпрвин е доказ пред светот дека само стамената љубов, која се темели на искреност, доверба и споделувања, го одржува рамновесието помеѓу заедничката живеачка на луѓето и природата.

Аристотел Мраморов:

-А непокорноста?

Огнена:

-Во неа се нејзиниот извор и нејзиниот оган.

Му се насмевнаа, им се насмевна, се поздравија и се разделија.

Пред мраморната статуа на Аристотел, дело на непознат вајар, поставена на почетокот од Улицата на мудреците, одвреме-навреме застанува некој намерник. Постојува, го загледува, помолчува некое време, па рамнодушно и бесцелно си го продолжува чекорот.