18.

Овојпат само Марко и Мира кај Филип, жена му Олимпија и нивниот син единец Александар. Секоја дружба со нив, пред сѐ како историчари посветени на древното минато на македонската цивилизација, им е многу интересна и забавна. За Мира уште и сѐ повеќе ѝ е потребно присуството на Александар зашто и таа чувствува некаков флуид помеѓу нив; особено ѝ се допаѓа внмиманието што го концентрира на неа, како да се сами, како да нема никој друг со нив и помеѓу нив. Убав ѝ е и мил. Помеѓу нив се раѓа љубов? Зошто да не?

Во приземната куќа во слепата улица, што како да е намерно соѕидана помеѓу две празни двокатни вили на иселеници-за да им пркоси ли или за да им се спротивставува со својата надворешна убавина (целата фасада од дрво и делкан камен), е топло и е одвај чујно фучењето на ветерот надвор кој носи облачно време. Пространата дневна соба се загрева со камин од камен изѕидан среде, а на ѕидот, спроти троседот, двоседот и фотелјата со едноставна линија во сива и црна боја, доминира големо масло на кое со реалистички потези е претставен Александар III Македонски; тој со доминантни црвена и жолта, а неговиот Букефал, со кренати предни нозе и молњи во зениците, сиот црн. На малото дрвено кафено масиче кафиња за сите и чоколадни бонбони.

Средбава, според сѐ продолжение на претходната, на Филип, Олимпија и Александар им е уште позабавна. Веќе им е неспорно и сосем прифатливо дека помеѓу сите нив е започната игра без крај во која се испреплетуваат древни времиња и нивното заедничко сегашно. Ним им е особено интересно иинсистирањето на Мира дека љубовта, убавината и мудроста се најважните нешта во животот, пренебрегнувајќи ги довербата, искреноста, постојаност, но и нејзиното прифаќање на забелешката од Александар дека доблеста е еднаква со нив. Разговорот продолжува по нејзиното наведување на мудростите на Аристотел за љубовта и убавината.

Олимпија:

-Во животот на Александар е најважно дека станал ученик и воспитаник на секако најголемиот антички филозоф Аристотел, и тоа кога имал само тринаесет-четиринаесет години. Неговиот авторитет, иако на своите четириесет години сѐ уште не бил многу славен, бил пресуден за неговото оформување во стамена, решителна, храбра, доблесна, престолонаследничка, војсководечка, предводничка личност. Според мене, од пресудна важност е тоа дека Аристотел не сметал оти на младото момче Александар му е потребна посебна настава, а часовите по гимнастички вежби, јавање, лов и игри ги заменил со читање песни и разговори за поезијата, учење геометрија, астрономија, реторика и еристика. Особено тоа што му влеал огромна љубов кон поезијата. Негови омилени јунаци станале Херакле и Ахил, нив дури ги сметал за свои предци. Александар покажувал и големо интересирање за природните науки. Јас сметам дека неговите освојувачки војни често имаат карактер на истражувачки ескпедиции збогатени со запознавања и истражувања на географијата, етнологијата, биологијата, ботаниката, метеорологијата и други науки.

Марко:

-Меѓутоа, некаде прочитав дека во политички поглед Александар и Аристотел никогаш не биле истомисленици. Напротив, нивните ставови биле дијаметрално спротивни, особено кога е збор за односот спрема Варварите; тој останал варварин, ја почитувал културата на Хелада и настојувал таа култура да ја распространи на Исток. Лично мислам дека е негов најголем пораз, кој го довел и до смрт, токму неразбирањето на суштествената разлика помеѓу источниот дух и култура, не само во квантитативна смисла, и хеленизмот. Во него победил духот на Истокот, а тоа го докажува, меѓу другото, и со женидбата со принцезата и ќерка на Дариј III, Статерја II; што, пак, во ниеден момент не ја поколебало љубовта кон првата жена Роксана. Чин по кој ја зел персиската круна и се облекувал како персиските кралеви, го вовел поимот „крал по милост Божја“ и изјавил дека тој е бог.

Мира:

-Постојат некои претстави и знаци за изгледот на Александар III Македонски, но сум сигурна дека има уште многу за откривање и проучување. Неприфатливо е тврдењето дека не бил убав маж, дека бил многу низок и физички неугледен. Секое време гради свои критериуми за човекот и неговата психофизичка конституција. Носот на Клеопатра…Аријан го опишал со зборовите: „Силен, убав командант со едно око темно како ноќта и едно сино како небото“. Интересни се споредбите на таканаречената хетерохромија како своевидни крајности: едното око темно, а другото светло. Ни описот на Питер Грин, што се потпира на некои статуи и древни документи, не треба да се прифаќа како сосема веродостоен: „Очите (едно сино, едно кафено) откриле росен, женски квалитет. Тој имаше светол тен и суров глас“.

Олимпија:

-Но се чини е неспорно дека имал хетерохромија и светол тен. Што се однесува на „суровиот“ глас, јас мислам дека му е припишан како вообичаен за војсководец и предводник.

Ги испиваат кафињата во молк, па продолжува Филип втренчено загледан во Марко и Мира:

-Тој веројатно имал два сина, Александар IV Македонски од Роксана и Херакле Македонски од Барсина, но веројатно бил бисексуалец. Се посочува на генералот и негов телохраннител Хефестион, инаку син на македонски благородник, со кого бил мошне близок; биле сексуални партнери. Некои одат тодаму што сметаат дека врз Александар мошне жестоко дејствувала смртта на Хефестион можеби и придонела да се влоши неговото здравје и менталната состојба во последните месеци од животот.

Марко:

-Мислам дека тоа, како многу други нешта, треба да остане во сферата на шпекулациите. Идат од запис на Аелиан за посетата на Александар на Троја: „Александар го украси гробот на Ахил, а Хефестион на Патрокле“, што значи дека неговата љубов спрема Хефестион е еднаква со на Патрокле спрема Ахил.

Се надоврзува Мира:

-Тоа во негово време воопшто не било контроверзно. Напротив, и бисексуалноста и педофилијата биле вообичаени, толерирани, дури нескриено негувани и почитувани во аристократските средини.

Филип:

-Јас тоа само го наспомнав поттикнат од твоето иинсистирање дека љубовта, убавината и мудроста се најважни нешта во животот, како и доблеста еднаква со нив. Прво сугерирам дека секогаш, во секое и во сечие време има не една, туку многу љубови, колку различни, единствени, толку блиски, па и едновремени. А второ оти човечката убавина се менува како што се воочува и прифаќа нејзината неповторливост. Што се однесува на мудроста, бидејќи во сите досегашни времиња не била најважна во животот, неретко била и денес е на нејзините маргини, човештвото се деградира себеси со интересот не само како начин на живот, туку и како движечка сила. Згора на тоа, обезвреднувањето на сѐ што го затврдува и надградува критериумот за квалитет на животот значи уривање на човечкото и меѓучовечкото во човекот и му го сведува на сегашна гола егзистенција, без минато и иднина. Без никаква доблест.

Се надоврзува Александар:

-А со тоа што ги пренебрегнуваш довербата, искреноста, постојаноста, па и возвишувањето на секој до недостижност до недопирливост, животот на Александар можеби за тебе е премногу далечен и неразбирлив. Особено дека тој не е велик поради наводната цел-„да го освои светот“, туку сосе сонот што Аристотел му го наметнал како остварлив, мошне реален-со почитување, негување и испреплетување на просторните и временските различности народите во светот можат да се обединат и наместо силата нескротливата творечка енергија да им ја затврдува самосвесноста.

Мигум на сите им се пристори дека Александар III Македонски од маслото на ѕидот, насликан со реалистички потези, со доминантни црвена и жолта, слегува од неговиот Букефал и им се насмевнува простосрдечно. Го гледаат вчудовидени и му возвраќаат со простосрдечна насмевка.

Марко и Мира стануваат, се поздравуваат со Филип, Олимпија и Александар, а на излегување од нивната приземна куќа Мира како да им наредува:

-Следниот пат вие кај нас. Во нашата дома.