27.

За системот на четирите темели на цивилизацискиот опстој и неговата поврзаност со симболиката и значењето на круговите, сино-виолетовата розета, на осумте помали и осумте поголеми зраци на штитот на Александар III Македонски, Сонцева крв на сета собрана рожба, поводно и без повод, ѝ прикажувала само на два-три наврата. Не нерадо, напротив, туку затоа што собирањето се случувало, всушност нејзе тоа ѝ успевало ретко, сѐ поретко во последните две-три децении. До претсмртното премалување на нејзината снага. Тоа секогаш ја растажуваше, сѐ повеќе и повеќе, особено затоа што се чувствуваше сѐ понемошна да го промени. Затоа радувањето при собирањата со време ѝ стануваше сѐ поголемо, па таквите прикажувања ги сметаше за оптоварувачки. Непотребни, па и бесцелни. А всушност стануваше збор за нешто друго: нејзино сѐ поголемо и попоразително разочарување од сѐ поретките собирања на рожбата, значи сѐ поголемото оддалечување, раздвојување, отуѓување, па и меѓусебно заборавање.

Се разбира, Македон не случајно го промислува значењето на индивидуалното и колективното восприемање на системот на четирите темели и Александровиот штит, дури како судбоносно. Сонцева крв надежно најчесто, најмногу и најдетално токму нему му ги прикажуваше, му ги прикажа; дека ќе ја продолжи токму таа јадровитост на опстојот на македонството и со својата индивидуална посветеност ќе успее да го одбрани од навалицата на велепредавнички, одроднички и платенички дејанија, сѐ до негово иронизирање и карикирање. Од нив сведување на основното поимање-како национална идеологија што го нагласува чувството на македонска припадност и македонска национална самобитност, како затврдување на националната самобитност и на самобитноста на македонскиот народ, сосе правото за основање и создавање на македонска национална држава. Притоа одбегнувајќи ги, омаловажувајќи ги, па и премолчувајќи ги историскиот развој на македонската политичка мисла и наука, македонската култура и литература, длабокатга вкоренетост на македонскиот јазик, фолклорот, обичаите, традицијата.

По којзнае кој пат во последно време Македон промислува темелно:

„Не е од Сонцева, од искони е: круговите на Александровиот штит се единството на светот; сино-виолетовата розета мигум ги збира во себе убавината, љубовта и раѓањето; лорандиот во неа несопирливоста на човечката снажност; а зраците ја докажуваат животворноста на мислата, умноста, откривањето и сознавањето на Македонецот сосе неговата доблест. Од Сонцева му е моќта сосе светлината, енергијата, дејственоста и хармонијата. Сето тоа е втемелено во смислата на идентитетското постоење на човекот.

Што се однесува на енергијата, земјата, човекот и волјата, мора да се памети и секому да му биде за ум: енергијата е собрана и целна; земјата мора да е чиста за да биде плодна и благородна; човекот од раѓање до смрт ги учи и брани природноста и слободоумноста; а со волјата се почнува, се продолжува и се завршува штогоде незапирливо. Сите безвременски и сите безгранични. Нешто недостасува? Можеби вербата во надмоќноста на духовноста при судир со материјалноста.

Ова подетално:

Кога е збор за енергијата, секако пред сѐ и над сѐ е творечката. Особено постојаната, непресушната, препознатливата, константната од раѓање до смрт. Мислам дека сѐ уште малкумина меѓу нас осознале дека питомоста на македонските планини, планинските врвови, изворите, водите, полињате, ливадите, камењарниците, сушните и плодните предели иде токму од неа. Го мислат спротивното, дека творечката енергија иде, извира од неа, пренебрегнувајќи ги опкружувањето, грубоста, суровоста и грабежливоста како дел од дивеењето и пустошењето. Кои неретко токму питомоста прва ја разнебитуваат. Напротив, дека иде од творечката енергија таа расте до неслутени височини. Сосе единственоста на македонскиот народ во светот, сосе неговата длабока вкоренетост.

За земјата малку што има да се докажува. Воопшто не ја пренагласувам кога го мислам вековитото опстојување на нашава. Иако не е цела, не е обединета, одземени се големи делови од нејзината суштественост. Без сомнение сите ние, рожбата Сонцева, ја носиме во себе и кога сме на неа и кога не сме. Така ќе остане додека нѐ има, до последниот издив на последниот наш потомок. Зашто дарува живот, на животот му дава смисла и содржина, го одржува во нам познати и знајни облици.

Неспорно, човекот е засекогаш нераскинливо поврзан со природата, како со папочна врвца. И ќе биде, без оглед на силните, посилните, најсилните, слабите, послабите и најслабите ветришта што навалуваат од секаде, а за да ги избришат трагите на нивното минато и нивната сегашност.

Волјата не треба да ја сведуваме на свесното управување на човекот со својата делотворност и непосредната поврзаност со неговата цел, а како дел од неговиот психички живот. Напротив, акцентот треба да се става на нејзината сила како човекова слобода.

Мошне важно е земјата, водата, огнот и воздухот да се прифаќаат како елементи на космосот со кои се остварува егзистенцијата на сѐ постојно и неуништливо. Сосе светлоносниот етер, Аристотеловата непроменлива ѕвездена материја. Како надополнувачки со енергијата, земјата, човекот и волјата. Најнапред како суштественост на човечката самобитност, а потоа како четири страни на светот, четири годишни доба и четири животни циклуси-детство, младост, возрасно доба и старост. (Морам да присусвтвувам на скорашната можеби последна средба на Аристотел и Александар III Македонски посветена на љубовите.)

Кога ја промислувам љубовта пред сѐ и во сѐ, имам едно прашање на кое сѐ уште не можам да си одговорам: дали таа и доблеста се едновремени во нас; едната е во другата, едната е секогаш заедно со другата? Или, пак, секогаш се раѓаат, растат, созреваат и се гаснат наспоредно? Ту доближувајќи се, ту оддалечувајќи се?“.