Настан и доживување IV

Од секоја средба помеѓу Корен Стаменоски и еден од неговите најдобри пријатели Билјан Руменоски најмногу одзема семејната трагедија на Име во летото на илјада деветстотини деведесет и осмата година-сообраќајната незгода во која загинаа неговата Роса и нивните Смирна и Трајан. Сѐ уште, и по поминати повеќе од седумнаесет години.

Му вели Име на Билјан:

-Моите деноноќија, драг пријателе, до смрт ќе бидат празни, несодржајни, бесмислени, бесцелни, безидејни. Ниту искрената и длабока љубов помеѓу мене и Илина Каранфилова, ниту нашиот заеднички живот тоа не можат да го променат.

На Билјан тоа му е одамна јасно. И тој не верува дека Илина ќе успее да го надвладее неговото внатрешно рамнодушно живуркање. Особено не како чувство, предаденост без никаков отпор на она што е и она што доаѓа или надоаѓа. Се разбира, очекува со текот на времето тој сепак да се надмине себеси. Смета дека помага и по малку успева оти не го остава во секидневноста постојано да се обвинува себеси дека сообраќајката ја предизвикал од небрежност.

Пак:

-Со Илина, Корене мој, ти почна нов живот и тој не треба ниту да го мешаш, ниту да го оптоваруваш со пресечениот по загинувањето на твоите. Милион пати сум ти кажувал и докажувал дека Роса, Смирна и Трајан загинаа, на оној свет се, не можат да ти се вратат живи, а ти мораш да продолжиш да го живееш животот. Сега со Илина во сета негова полнота.

Корен:

-Не, Билјане пријателе, ти не знаеш! Тие се живи! На овој свет се! Со мене се, во мене се, ќе бидат дел од мене додека сум жив!

Билјан:

-Добро, Име, нека е така. Туку, што велиш утревечер да појдеме во Операта јас, ти и Илина, заедно пак да ја доживееме „Кармина Бурана“ на Карл Орф?

Име:

-Добра идеја. Важи.

Во обајцата одекнаа звуците, гласовите и жестоките симфониски удари на „О фортуна“.