Настан и доживување XI

Корен Стаменоски со прекар Име се договори со Билјан Руменоски да се најдат напладне пред Музејот на љубовта. Тој, пак, му најави дека ќе го запознае со творецот на восочните фигури на разделени маж, жена и две дробни деца во круг, едни спроти други. Познат е, од помладата генерација видни скулптори, мошне ценет во уметничкиот свет. Сигурно знае за неговото прочуено монументално дело „Раѓање на мајката Земја“ во Паркот на скулптурите. И Смил Зорески има посебна причина да се запознае со Име. Не може да го доврши своето дело-веќе изложената скулптура со восочни фигури што ја нарече „Неугаслив живот“, сѐ додека лично од него не чуе за суштественоста на неговата животна трагедија.

Музејот на љубовта, во кој се прикажани големите љубови во далечното и блиско минато на Костечани како показ и доказ на нераскинливата врска помеѓу животот, љубовта и смртта, одбранети од заборавот со твоечката енергија, е возобновено барокно здание, соградено на крајот од деветнаесеттиот, а разурнато во силен земјотрес од пред речиси еден век. Со сите главни специфики на барокната архитектура: монументалност, грандиозност, движење, динамичност; куполи, сводови, ребра, заоблени облици; доминација на црвена и жолта боја.

При запознавањето:

-Одамна посакував средба со Вас и многу ми е драго што Ве запознав конечно,-му рече со радосна насмевка Смил Зорески на Корен Стаменоски.

Име му возврати:

-Мислам дека доволно го познавам Вашето творештво. Секогаш долго стојам пред Вашата скулптура „Раѓање на мајката Земја“ во Паркот на скулптурите. Огнот во нејзиното срце…Надреално и фасцинантно.

-Благодарам,-му одговори Зорески воздржано и со благ наклон на главата.

Се замеша Билјан Руменоски:

-А јас се чувствувам важен оти посредував во вашето запознавање.

Влегоа во музејот, во халата наречена „Раѓање на љубовта од дамнина до денес“ и брзо ги одминаа, без загледување бројните скулптури на мажи и жени со нивна рожба на различна возраст и без неа, меѓусебно разграничени само со различни пулсирања на срцата. Запреа пред разделените маж, жена и две дробни деца во круг, едни спроти други.

Смил Зорески:

-Восочни се зашто не се довршени. Нерадо се согласив да бидат изложени во просторов откако долго се обидував но не успевав да ги изработам од бел мермер…Ми кажа Билјан дека ја доживувате како да ја претставува Вашата потресна трагедија. Како најболно раѓање на љубов со безвременско траење и никогаш угаслива…Во право сте. Ја претставува токму неа. Ама…

Коста Стаменоски со прекар Име:

-Признавам дека личат на мене, на мојата Роса и нашите Смирна и Трајан. А зошто скулптурава сте ја оставиле безимена? Тоа нема врска со недовршеноста.

Смил Зорески:

-Сосем се согласувам дека го прикажува најболното раѓање на љубовта оти е безвременско траење и никогаш угаслива. Но не со недовршено дело. А за да го довршам, морав да се сретнам со Вас. Не барам да ми го раскажете настанот како доживување или дека бил едновремено тоа. Знам дека навраќањето на него тешко го издржувате. Обидете се да го доловите мигот помеѓу животот и смртта. Тој ми недостасува.

Име:

-Не можам…Не знам…Можеби како мигновен бел светлосен зрак…Или како замолк пред бездна, длабок мрак…

Зорески по подолг заеднички молк:

-Доволно!…Доволно!…Токму тоа ми недостасуваше…Помеѓу бел светлосен зрак и замолк пред длабок мрак…Многу, неизмерно Ви благодарам Господине Стаменоски.

Излегоа од музејот и се упатија кон Мостот на великите. На него застанаа среде, опкружени од велики Костечани извајани од месинг.

Име му се обраќа на Зорески:

-Што мислите за намерата на властодршците да урнат макар еден од камените, мраморните, железните и бронзените спомен-обележја и скулптури на плоштадот? Дека сакаат да ги остават само отворените изложбени простори и салони, културно-историските и забавни зданија, одморалиштата, шеталиштата, кафулињата, кафетериите, клубовите, трговските центри, фонтаните и дрворедите?

Смил Зорески:

-Воопшто не сум изненаден. Очекувано од провинцијалци и простаци. Со тоа се обидуваат да излечат свои фрустрации всадени од раѓање, да ја совладаат сопствената инфериорност пред минато со длабоки корени и трајни вредности.

Корен Стаменоски:

-Јас мислам дека нивната цел е да докажат дека минатото е само минато и не треба да има потесни, дури ни нераскинливи врски со сегашноста и иднината. Веќе не се ни трудат да ја прикријат целта како платенички изроди-разнебитување на народот, на неговиот национален идентитет, на неговата исконска самобитност, и едновремено уништување на неговата држава…Недоветно, дебилно, ама остварливо со сестрана поддршка од меѓународниот фактор. Белки стравот од Костечани ќе ги запре, ќе се откажат…Не вреди моето кажување и докажување дека како секој и нашиот централен плоштад е простор на искажан живот во минатото и денес; со белези, стилови и траги на времиња кои траат наспоредно, а едновремено меѓусебно ги надополнуваат своите содржини.

Смил Зорески:

-Не размислувате за конкретно спротивставување, за политички ангжман? Со оглед на Вашиот авторитет…

Коста Стаменоски со прекар Име:

-Размислуам и сѐ повеќе мислам дека е тоа неопходно. Иако се коси со моите ставови за политиката, политичките партии, партизацијата, власта и владеењето…А Вие?

Смил Зорески:

-Јас одамна не размислувам. Веќе мобилизирам сомисленици…Потребни ни се предводници, луѓе како Вас…Состојбава е одамна неподнослива…Народот веќе нема трпение. Не може да гледа што се случува и да чека. Системот во секоја област го урнисаа со безграничен криминал и корупција.

Име заклучува:

-Потребни се мислечки и творечки личности.

Зорески потврдува:

-Без нив народот не може ништо.

Билјан Руменоски им предлага заедно со сомисленици скоро да организираат сенароден протестен собир на плоштадот. Прифаќаат.