Настан и доживување  X

На  настаните како доживувања и доживувањата како настани, што се одвиваа мошне брзо, дури пребрзо за неговите блиски, пријатели и познајници, Корен Стаменоски со прекар Име реши да им се спротивстави со случување со опфат на колку може повеќе приврзаници, а во најголема мера зависи од неговиот личен општествен и политички ангажман: одбрана на делото и мислата на секој виден што живеел, создал, оставил трага во минатото, живее денес и создава во Костец.  Кое, се разбира, не е директно или индиректно поврзано, ниту може да биде со умирачките на неговите родители, загинувањето на Роса, Смирна и Трајан и самоста по нив.

Спротивставувањето го спореди со опстанокот на куќарката во која е роден, опкружена со неплодна земја и река што тече крај неа, а извира во далечна планина на исток. Овојпат само лично, за разлика од заедничкото со браќата Вител и Извор и сестрите Галена, Калина и Јагода, и секогаш заедно со нив Стојмир и Милица. Во заедничка жал поради немоќта да си помогнат на каков било начин. Си признава на себеси дека во тоа случување не мала улога има љубовта со Илина Каранфилова и нивната заедничка живеачка.

И случувањето, одбраната на мислата и делото односно на вредностите во Костец, реши да ја води мошне брзо, значи не мигум и ненадејно, а со оглед на деструткивното владеење на партите на власт и некомпетентноста на опозиционерските проследена со политикантски конформизам. Со долгорочни решенија кои најнапред ќе предизвикаат нивно укинување или претворување во здруженија на луѓе; чија цел не е освојување на власта, туку континуирано подобрување на организацијата и квалитетот на полнотата на животот. Борба од почеток до крај.

Надземните и подземните живеалишта во Костец, надземните неколкукатници и многукатници, а подземните пространи куќи од камен, греди и глина, едните и другите како целини поради долгите сушни лета и мразните зими, со силни ветришта, луњи и секакви невремиња, предизвикуваат и овозможуваат различни вредности како сушествени делови од квалитетот на полнотата на животот. Пред сѐ во содржинска, а потоа во функционална смисла.

Конкретно, во подземните живеалишта доминираат дела како составен дел од личниот, па и интимниот свет, кои раскажуваат или докажуваат внатрешни доживувања во човекот, а се користат најмногу при самост. Исто или слично е и со мислите на видните Костечани како водилки. Тие најмногу се однесуваат на единственоста, автохтоноста на човекот и природата и хармонијата меѓу нив. Со нагласка дека од нив и од неа најмногу зависи иднината на потомствата.

Во надворешните живеалишта, пак, сеприсутни се дела и мисли кои го богатат и надградуваат заедничкиот, колективниот живот, со нагласка на семејниот. Притоа, во нив се испреплетуваат традиционалното и модерното, докажаното и докажливото, структурираното, постојаното, антиципативното и навестеното. Најприсутни, највпечатливи, најобединувачки, но не секогаш најрелевантни се секако спомен-обележјата и архитектонските зданија. Корен Стаменоски предност во системот на квалитетот на полнотата на животот им дава на, како што самиот ги нарекува, синергичните дела и мисли. Како што се комплексните проекти во кои се обединети музиката, танцот, бојата, говорот на играта и молкот и просторните интервенции.

Пред да појдат на Мостот на великите, на кој Име намисли првпат да им се обрати на Костечани, всушност да се промовира себеси како предводничка личност, уште еднаш ја одведе Верна во своето живеалиште, во својата подземна куќа, повеќе куќарка, на исто место и слична, речиси иста со куќарката од неговото детство. Уште еднаш застанаа еден спроти друг во одајата за дневно престојување, во кругот сончевина што иде од отворот среде до надземи.

Верна му повтори, по којзнае кој пат во меѓувреме, дека разбрала оти татко му и мајка му починале во љубов и со љубов во заеднички издив. Име ѝ се насмевна и ѝ се заблагодари на штотуку остварената посета на Музејот на љубовта, заедно со Илина, а таа го потсети на посебната причина зошто го избрал токму Мостот на великите: дека на него, првично, како почеток пред неговиот почеток, сака заедно да ја согледаат нераскинливата врска помеѓу животот, љубовта и смртта и да си докажат на себеси дека во светот на великите тие ни заедно не се изборуваат против заборавот без творечката енергија.

Долго се премислуваше дали да ѝ докажува или да се обиде најпрецизно да искаже мисла како сублимат на однапред смисленото обраќање на Костечни. Остави таа да процени и да му сугерира што да биде, па ѝ кажа со ведар глас:

-Во светот на великите творечката енергија никогаш не е докрај искажлива.