42. Та преку Тасета!

Во дневна соба на кауч лежи Добре, а Добринка седи во фотелја. Добринка испишува телефонски број на мобилниот и го става на уво.

Добре со снеможен глас:

-Кому му се јавуваш, Добринке.

Добринка:

-На еден Тасе. Преку него ќе свршиме работа.

Од мобилниот се слуша длабок машки глас:

-Да, повелете.

Добринка:

-Ти си Тасе?…Разбрав дека само преку тебе можам да свршам една работа, па решив да повелам.

Длабокиот машк глас:

-Точно е што сте разбрале. Кај да се јавите кај нас, што да молите, што да барате исто ќе ви речат: Само преку Тасета, та преку Тасета.

Добринка подналутено:

-Тасе, да не си безобразен со мене?

Длабокиот глас се чуди:

-Како безобразен, Госпоѓо или Госпоѓице?!

Добринка:

-Госпоѓа сум, не госпоѓица. Еве, до мене е мојот Добре, спружен на каучов…Праша како безобразен? Па…и јас сум ја чула машката пцост „Та преку Тасета“, што значи исто што и „Преку мојов!“…Мислам…Демек баш ме заболе односно баш ми е гајле.

Длабокиот глас:

-Немојте така, Госпоѓо Добринке! Јас се викам Тасе и стварно сè оди преку мене. Тоа нема апсолутно никаква врска со пцостот кој сум го слушнал и јас…

Добринка го пресекува во збор:

-Добро, добро, се разбравме!…Господине Тасе, се јавив за еден документ што му треба на мојот Добре во врска со неговата болест за која вели дека е за умирачка, па да го имаме ако затреба…Ми рекоа дека можам да свршам работа само преку Вас како Тасе, односно неколкумина на кои им се јавив ми повторуваа „Само преку Тасета…Та преку Тасета“.

Длабокиот глас:

-Нема проблем. Ви стојам на услуга. Да не е во врска со наследство? Тестамент?

Добринка:

-Така нешто.

Добринка чека десетина секунди по што пак се јавува длабокиот глас:

-Значи вака, Госпоѓо Добринке. За каков било документ во врска со наследство односно тестамент ќе треба да платите илјада евра?

Добринка изненадена и бесна:

-Молам?!…Илјада евра?!…А бе Тасе!….

Длабокиот глас:

-Толку според нашиот ценовник. Знаете, кај нас за сè си има ред. Сè е преку Тасета тоест преку мене, ама јас свршувам работа на крајот со збирна цена. Претходно мора многу работи да се свршат преку тие што велат „Та преку Тасета“ и тоа да се наплати.

Очите на Добринка фрлаат искри. Дури почнува да ѝ се тресе раката со која го држи мобилниот на уво. Просто се развикува:

-Море Тасе, ќе ти дојдам таму и ќе си го видат таму невиденото сите што велат „Та преку Тасета“! На крајот ќе си го окркаш ти како Тасе…Та преку Тасе, преку твојот и документ и наследство и тестамент и болештинава на мојов Добре! Има да ве растурам, бе! Има сè да земам во свои раце, па ќе видите кога ќе морате сè преку мене…преку мојата…

Го фрла мобилниот на другата фотелја. Добре ја гледа исплашено. Се плаши да прозбори.

Сцената полека се замрачува, а завесата се спушта.