48. Живот без политика

Само тој и тој во едно кафуле, седнати за една маса еден спроти друг. Пушат и пијат пиво. Делуваат како поднапиени. Разговараат гласно, веројатно зашто нема кој да ги чуе.

Тој:

-Живот без политика?! А бе ај! Нема шанса. Во животот не можеш да мрднеш ни напред ни назад, богами ни да стоиш во место ако не тераш политика.

Тој:

-А јас, пак, му се плукам на живот со политика…И на политиката во животот. Никој не видел аир од политика!

Тој:

-Да не те познавам, да не сме другари како браќа, би помислил дека си аполитичен, па како таков не си за никаде. Погледни околу себе и размисли дали како таков би можел да дишеш без политика.

Тој се врти, божем погледнува околу себе, молчи некое време како да размислува, па вели:

-Ако гледам со твои очи и размислувам со твоја глава, јас како аполитичен, стопати сум ти рекол дека сум баш таков, да не е политиката веднаш би се задушил. Би бил мртов меѓу два дима на твојата или мојава цигара в уста. Ама ете, тоа не се случува! Не ни чувствувам дека може да се случи…Ти да не си политичар, да не знам дека си, веројатно секој ден не би бистрел политика со кого ќе стигнеш. Па и со мене, кога ти дозволувам.

Тој:

-Тоа што сум политичар нема никаква врска со мојот став дека животот не може без политика. Така сум мислел и пред да станам. Туку, да те прашам нешто што досега не ми текнало да те прашам: ти знаеш што е тоа политика?

Тој:

-Ајдеее! Сега кај ја отера. Зар можеш и да помислиш дека не знам?! Толку не ме познаваш?

Тој:

-Не ти барам дефиниција за политиката, туку дали знаеш што е таа визави животот. Ако знаеш, се согласуваш со мене дека ништо живо во животот не може без дневна политика. Богами ни мртво.

Тој:

-Чекај сега! Рече дневна политика?

Тој:

-Да, реков. А каква друга политика во живот кога животот ни е секидневен, кога ни е на дневна основа?

Тој:

-Ме изненадуваш. Просто ме фрапираш. Ти бре си политичар, а немаш врска како таков! Си чул ли ти за краткорочна, среднорочна и долгорочна политика? За политичка стратегија и тактика?…Дневна политика! Па да, во право си. Не животов, ами животецов наш насушен не може без дневна политика. Ама брат, тоа не е политика, туку така ја викаат оние што бистрат политика. Тоа е политикантство. Си чул за тоа?

Тој:

-Сега ме правиш будала? Те молам да не се навредуваме…Дневна политика и политикантство се две сосема различни работи. Дневната политика е политика што се одвива на дневна основа односно секојдневно, а политикантство е политика од интерес, па како таква е најврзана за бизнисот.

Тој:

-Фала што ми кажа. Не знаев и ти ме научи. А бре човеку, брате, политичару, живот без политика е исто што и деполитизиран живот. Со други зборови, тоа е живот на пример со култура, уметност, спорт, земјоделие, забава, разонода, слободни активности, рекреација, љубов, секс…

Тој:

-Доста! Доста изнареди. И? И може нешто од сето тоа без политика?

Тој:

-Ти си непоправлив. Заглибен во калта на политиката. Никој не може да ти помогне, да те одглиби, па ни јас. Стварно те сожалувам.

Тој:

-А мислиш дека и во сожалувањето нема политика?…Знаеш каков ми е бракот со мојана? Стабилен сто на сто. А знаеш зошто? Зашто обајцата тераме политика! И дневна и краткорочна и среднорочна и долгорочна…Да, како што знаеш, таа е бизнисмен, јас политичар, ама тоа не значи дека политиката ни е политикантство. Напротив! Нашата политика во бракот се базира на разбирање, конструктивност, компромис.

Тој наеднаш станува, во пепеларникот со десниот палец го смачкува опушокот од речиси испушената цигара, го гледа соговорникот молчешкум и право в очи некоја секунда, па речиси му подвикнува:

-Брате, многу ме разочаруваш. Веќе не можам да те слушам. Како политичар тотално си одлепил!…Само ќе ти го речам ова, па ќе те оставам сам да си го допиеш пивото: само живот без политика е вистински живот. Среќен, радосен и спокоен…Брат, и ти и твојата баталете ја политиката ако сакате да живеете како луѓе. Ти биди си политичар како професионалец, таа нека си биде што е, бизнисмен, ама заедно бидете што подалеку од политикта. Особено од дневната. Ај со здравје.

Тој излегува од кафулето, а тој продолжува да пуши и да си го испива пивото.