51. Личната одговорност политикантска

Се собрале позиционерски и опозиционерски политиканти, пред народ претставени како политичари и бизнисмени, да расправаат за личната одговорност. Народот беше повикан да се собере со образложение дека е крајно време таа да се стави „на пиедесталот на успешното владеење со државата и општеството“, како што поентираше еден од нив во своето излагање.

Најпрвин на говорницата излезе еден млад политикант како политичар и бизнисмен почетник. Не се претстави со име и презиме зашто, како што нагласи, уште е млад и почетник и допрва иде неговото време, кога неговото име ќе се наметне само по себе. Но, нагласи дека е во позиција од неодамна. Во своето излагање тој истакна:

„Од она што сум го учел во основно, средно, а сум го студирал и на факултет, можам да заклучам дека личната одговорност е главен предуслов за еден политикант како политичар и бизнисмен да биде успешен на власт. Таа добива на тежина особено од гледна точка на позицијата што е на власт. Од гледна точка на опозицијата, пак, личната одговорност паѓа, ја губи тежината штом ќе се освои власта. Притоа инсистирајќи дека таа за позицијата која не е на власт се преточува во конструктивна критика. Мој став, пак, е дека личната одговорност на секој во опозиција мора секогаш да биде видна односно транспарентна и да се докажува во секое опозиционерско дејствување“.

Потоа збор зеде еден негов соборец, ако може така да се нарече. Се претстави како Спасе Сврдловски, лидер на неодамна формирана партија во позиција:

„Народе, јас знам дека ти освен лична одговорност не познаваш и не признаваш друга. Дека, на пример, ти е преку глава од колективната. Го знам тоа и го разбирам, а можам и да го прифатам доколку се свртиме наназад, во поблиското и подалечното минато определено свршено време. Кога колективната одговорност сосем ја обезвредни личната. Меѓутоа, мислам дека сум во право и ќе се согласиш со мене дека личната одговорност е именувачка, што значи мора да оди со името и презимето на одговорниот. Што, за жал, кај нас е сè уште многу, многу ретко. Една од главните заложби на мојата партија наречена „Зрели политиканти“ е токму таа и токму затоа така ја нареков. Имено, бидејќи личната одговорност е иманентна на зрелиот политикант секој член на мојата партија има име и презиме. А не е мал бројот на оние кои имаат и соодветен прекар. На пример, мене како лидер не случајно ме викаат Моралист. Затоа што се залагам за лична одговорност и како прашање на морал и како нешто што мора да биде кај секого и од секого најпрво од сè“.

Од излагањата на уште тројца дискутанти, двајца од опозицијата што веќе била на власт и еден од опозицијата што се бори да биде нема којзнае што да се извлече односно потенцира.

Најголема реакција искажана со извикувања „Уа!“, „Марш!“, вулгарни пцости и свиркања предизвика кусата говоранција на лидерот на најголемата партија на власт, Апостол Пуздеровски:

„Јас стварно не знам кому му паднало на памет да организира расправа за личната одговорност. А и не ме интересира. Дојдов непоканет за да ви ги опулам очите и да се свестите дека оваа расправа воопшто не е случајна. Како што ништо не е случајно насочено кон власта односно кон мојата партија на власт односно лично кон мене како лидер и прв на власт…Никој да не ве лаже! Вака е како што велам јас: личната одговорност никогаш не била, ниту може да биде врзана за власта. И ја немало, ниту може да ја има контра колективната во секој сегмент на организирано општество и функционална драва. Личната одговорност е само за на суд. И точка! На суд и кога ѝ се суди на криминална банда властодржачка, му се суди на секој нејзин член посебно. Секоја и каква било одговорност надвор од суд била и секогаш ќе биде колективна…Не викајте и не псујте зашто ова што сега ќе ви го поставам како прашање сигурно ќе ве погоди право во вашите срца и души односно во вашите индивидуални свести и совести: ако не чини власта на чело со мене, дали одговорноста е само моја или на некој односно некои во неа, значи лична, или на сите што се дел од неа? Ај и ова: кои на избори се борат за власт? Се разбира, партиите. Дури и ако се случи, што не се случило ни скоро ќе се случи кај нас да победи независен кандидат, и тој не може сам да владее, што значи дека не ќе може да сноси лична одговорност за успешно или неуспешно владеење…Уште ова ќе ви го речам оти гледам дека веќе ве издава трпението да ме слушате: личната одговорност може да се конкретизира само во брачен сексуален однос. Во ништо друго! Предлагам да размислите длабоко за ова, па потоа продолжете да викате, свиркате и пцуете“.

Го рече тоа дотичниот, баш тоа од збор до збор, и ја напушти говорницата. Народот постоја некое време онемен, па полека се разотиде.