54. Продавачи на лажги, крадби, ветер и магла

На Зелено пазарче карши Собрание, во кое се збираат и млатат празна слама ненародни пратеници, меѓу секаквите тезгаџии со сешто за нудење и продавање еднаш случајно или намерно, не знае никој, еден до друг, пред свои празни тезги се најдоа Перо Лажикради и Митре Ебиветер. Празни?! Ич не беа празни.

Мора да се нагласи за да нема какво било ти реков-ми рече: Лажикради на Перота и Ебиветер на Митрета им се прекари што со време им станаа презимиња. Ретко кој, признавам и јас, да знае како се презиваат. Прекарите, пак, ги добиле не оти се такви, ами со време им ги залепиле за имињата од мајтап. Имено, Перо од уста не ги вади лажењето и крадењето зборувајќи за аздисаната власт, а Митре по секој втор или трет збор му иде една ептен сочна пост: „Ебави ебиветрите, ебави“.

Значи, се најдоа Перо Лажикради и Митре Ебиветер на Зелено пазарче еден до друг пред свои само навидум празни тезги, а народот плева! Се турка, се бутка младо и старо, секој да биде што поблизу пред нив. За чудо сите молчат, уста не отвораат, како да им се пресечени јазиците. И што е уште повеќе за чудо: сите како мртви ладни, никој да извади макар некаков неартикулиран воздив, издив, звук, тон, вик или крик. Па просто ечат гласовите на Перо Лажикради и Митре Ебиветер.

Перо Лажикради:

-Навали, народе! Од евтино нема нигде поевтино! Навали на тазе лажги и крадби произведени во запустените и исушените ниви на нашите политичари и политиканти. Само кај мене ќе најдете секакви: мали и големи лажги, ситни и крупни крадби. Нема што нема!…Со нив може да си зготвите разни и богати и сиромашни јадења, кој колку знае и како е научен. Не буткај се, не стискај се, не тискај се, народе наш насушен! Секој ќе добие што сака. Кога ќе ја испразните тезгава, дури да трепнете со очи пак ќе ја наполнам. Ма ќе ја преполнам за вас. Сега си сиромав и отепан, ама кога ќе ги изнакупиш лажгиве и крадбиве што ти ги нудам буквално преку ноќ ќе станеш богат, многу побогат од ненароднине пратеници во Собраниено каршим, збрани да млатат празна слама.

Митре Ебиветер:

-Чуј ме и почуј ме, народе! Јас не ти нудам лажги и крадби како овој до мене што сите си го знаеме како Перо Лажикради, а ти продава лажги и крадби од кои ти е дојдено преку глава. Јас стварно не знам кој ѓавол нè ставил еден до друг со нашиве тезги. Ама нејсе! За разлика од него, јас ти нудам ветер и магла. Секој што ќе купи едно или друго од мене добива мало вентилаторче што може да се користи за да се дојде до макар зрак сончев и подразведрено небо. Што е најважно за мојов ветер и мојава магла? Тоа дека се тие составени од безброј ветриња, ветришта, маглиња и маглишта. На оние продавачи во срединава и околинава, што ти викаат дека ми се конкуренција, јас им викам како да ги псујам: „Ебави ебиветрите, ебави!“…Значи, кој ќе купи од мене ветер и магла дома може да ги сецка, да ги ситни до колку што сака, па со малку да си зготви штогоде за јадење, а останатото да го пикне во фрижидер како едно, како целина, да го смрзне длабоко, па кога ќе му се присака да го извади, да одмрзне дел и со него да зготви штогоде, па потоа остатокот пак да го пикне во фрижидер и како едно, како целина да го смрзне длабоко… Навали, народе! Кај мене нема никогаш да снема! Слободно прошетај, распрашај се ако не ми веруваш. Никој не ти нуди олку квалитетни ветер и магла, а згора и вентилаторче гратис.

Наеднаш се издвојува еден грамаден средовечен маж и застанува исправен како прав дренов стап помеѓу народот, поточно толпата и Перо Лажикради и Митре Ебевиетер. Просто згрмува со длабок глас:

-Имате ли вие двајца дозвола за продавање на тоа што го продавате?

Перо Лажикради и Митре Ебиветар зачудени во еден глас:

-Каква дозвола?! Од кого?!

Грамадниот средовечен маж:

-Сте чуле ли за авторско право и негова заштита? Лажгите, крадбите, ветерот и маглата што ги продавате имаат автори. Мора да имате од нив дозвола за продавање. А и авторството да им го истакнете.

Митре Ебиветар:

-Господине, ние те знаеме кој си и што си. Во случајов ништо не си. Си се заебал со имањето дозвола за производиве што ги продаваме. Тие немаат автори. Или имаат, ама ни за жива глава не ги признаваат како свои. Ти текнува?

Се надоврзува Перо Лажикради:

-И што мислиш, зошто мака мачиме со продавањево? Зошто луѓево молчат, уста не отвораат, како да им се пресечени јазиците? Зошто се сите како мртви ладни и штом видат и чујат за што станува збор се вртат, се тргаат од толпата и си го продолжуваат шетањето и купувањето низ пазарчево? Баш зашто им е доста од анонимни лажги, крадби, ветрови и магли…Ќе бидеме живи среќни ако продадеме макар две-три.

Заврши расправијата, а народот, поточно толпата пред празните тезги на Перо Лажикради и Митре Ебиветер веќе ја немаше.