18. Пламен во Бирмингем

За Пламен важи дека не е речовит човек. Напротив, во споредба и со роднини и со пријатели и со познајници може да се каже дека е мошне шкрт на зборови. Имено, тој многу повеќе сака да слуша и да го промислува слушнатото мерејќи си ги зборовите, особено кога одговара, одошто во разговори и размени на мислења и ставови да се труди да биде во рамноправна улога или барем не во подредена. Како таков го знае и Бисера откога се познаваат, откога се во љубов и брак.

На пример, за многумина е збунувачко неговото заминување во Бирмингем, во Англија, а нејзиното во Монтреал, во Канада. Зошто не обајцата во едниот или во другиот град?! Сигурно не е во прашање оддалеченоста или различната професионална и работна односно усовршувачка посветеност. Сигурно не е и планирано скорашно семејно „собирање“, што истовремено би значело и долгорочно, ако не и трајно иселување од татковината.

Причината е едноставна: и Пламен и Бисера ги поставија своите CV-ија на Интернет; на Бисера ѝ се јави заинтересирана компанија од Монтреал, а на Пламен од Бирмингем му се јави еден пријател од студентските денови, исто така градежен инженер, вработен во тамошна голема градежна компанија веќе неколку години, и му понуди да посредува за негово макар времено вработување. Со нагласка дека платата е солидна, но и животните трошоци се големи, особено киријата; тој ќе му помогне на секаков начин и колку што може. Компанијата веќе ја информирал за него, таа го чека неговиот одговор. Неговиот одговор беше шкрт: „Доаѓам“. На своите решението им го образложи со зборовите: „Зошто да не? Ќе одам, ќе се обидам да се снајдам. Може и да успеам, а потоа…здравје“.

Како и да е, Пламен е во Бирмингем, во Англија, во регионот Западен Мидлендс. Се вработи, пријателот му помогна за сместување и добивање работна виза. Ќе бидат секој ден заедно на работа и надвор од неа, па во секое време ќе му стои на располагање за сè.

Не му требаше многу за запознавање на градот. Сè виде однапред знајно, она што тој го нуди за животно секојдневје, бележито е и атрактивно. Како што очекуваше, најголемо и најодушевувачко му беше патувањето со брод по неговите стари канали.

На Бисера, Апостол и Ѕвездана им испрати куса SMS порака проследена со неколку фотографии:

„Во Бирмингем, викан „Градот на илјада занаети“ и „Работилница на светот“ (читавме на Интернет за тоа), оддалечен од Лондон „само“ 185 километри, најатрактивно е секако патувањето низ мрежата канали. Слично е со она во Венеција, но и типично англиско. На нивните брегови ресторански тераси, музика од пабовите и коктел-баровите. Неискажливо е со зборови. Треба да се доживее“.