16. Политиканти? Не!

Пред да ја напуштат земјата, на Бисера и Пламен на неколку наврати им беше нудено да се зачленат во политичка партија. Некои од партиите дури беа прилично наметливи убедувајќи ги дека тоа е најбрз, најлесен и најсигурен начин да ги остварат своите животни и професионални амбиции. Некои, пак, одеа дотаму што им нудеа да бидат „слободни партијци“; значи без никаква активност, без каков-годе ангажман, само да бидат „нивни“. Впрочем, ним им е сигурно совршено јасно што значи и какви сè позитивни и негативни последици има „сосем исполитизираната стварност“. Да, деполитизацијата е неопходна, но тоа е долгорочен процес кој којзнае кога ќе започне. Скоро секако не.

Бисера и Пламен никако не прифаќаа да станат членови на партија, ниту како „независни“-не членови, туку „блиски“ и „поддржувачи“. И се сигурни дека тоа беше единствена причина зошто не успеаја во приватниот бизнис, зошто по долги и тешки седум години мораа да ја затворат својата агенција за недвижности; и покрај тоа што имаа амбиции, вложија не мали финансиски средства и формираа мал соодветен компетентен тим.

Не им беше проблем самото членство во политичка партија, поточно да станат политичари како многумина нивни колеги, пријатели и познајници. Ја прифатија, најточно е да се каже се помирија и со „исполитизираната стварност“. Најмногу им пречеше и не можеа ни да замислат да „запливаат“ во политикантството. И тие политиканти?! Никогаш! Кога би имало „чиста“ политичка партија, без нив во нив…

Се разбира, Бисера и Пламен знаат колку е тенка линијата која во нивната држава ја разграничува политиката од политикантството, го раздвојува политичарот од политикантот. Просто речено: политиката и политичарот се за сите, работат и дејсртвуваат во интерес на сите, го одржуваат и бранат континуитетот на минатото и сегашното време; политиката е морална, благородна, разбирачка, политичарот чесен, искрен, достоен, доследен; исто како етиката, и политиката е катадневна човекова ангажираност, па и негова должност. Просто речено: политиканството значи едновремено снаоѓање и остварување на личен интерес, малограѓанштина, израз на моќ; се темели на послушност, компромисерство, неморал; политикантот е неморален, без`рбетник, подлизурко, коленичар, лакташ. И според нив, како според многумина учени, не постои дневна политика, туку дневно политикантство, а “деполитизацијата на стварноста“ односно на општеството всушност значи негово поразување и оневозможување. Најмногу од сè им пречеше и им пречи дека е просто невозможно политичар долго да опстанува меѓу политиканти; или брзо сам ќе се „деполитизира“ или ќе стане еден од нив.

Меѓутоа, мора да се нагласи најважното за Бисера и Пламен поради што не „влегоа“ во политиката и затоа платија мошне висока цена; се жртвуваа себеси и најпосле се решија привремено (привремено?) на самотно сопатништво: целосната посветеност на напредувањето во професиите што ги избраа, на остручувањето, усовршувањето, на постојаната лична надградба. Таа како медицински технолог, а тој како градежен инженер.