15. Пред свои животни врвици

Во врска со личните врвици на Ѕвездана и Апостол најдобро и најсогледливо прикажува втората братучеда на Бисера, Славка, „главна за сè“. Уште од нивното доаѓање од домот за незгрижени деца, уште од првите образовно-воспитни чекори. Лесно се забележуваа нивните особени лични интересирања, надареноста, предиспозициите. За животните врвици што водат кај Бисера и Пламен речиси нема никакви неизвесности:

За Ѕвездана музиката е веќе сè. Лесно како игра го мина нижото, а во средното музичко е меѓу најдобрите ученички. Пијаното како да е за неа измислено. Не можат да ја издвојат од него, дури и на годишни одмори и викенди тоа ѝ е главна тема. Дотолку повеќе, веќе компонира две суити за пијано, но засега без амбиција да ги изведе пред публика. Има неколку забележителни учества на домашни и интернационални натпревари за млади музичари, и тоа со неколку освоени први места и награди.

За Апостол веќе не постојат компјутерски тајни. Тој е еден од водечките гејмери во своето друштво. Учењето во приватното средно училиште му оди како „подмачкано“, а отсекот информатика му е сосем разбирлив и очекуван избор. Неговата соба во приземната куќа во елитната населба „Габерија“ е претворена во компјутерско студио.

Прашање на кое ни Славка нема баш сигурен и конечен одговор:

Каква врска имаат веќе јасните и цврсти животни врвици со нивните исто така јасни и цврсти определби-Ѕвездана да му се придружи на татко ѝ Пламен, во Бирмингем, а Апостол да оди кај мајка му Бисера во Монтреал?

Со прашањево се поврзани две други, за Славка поважни:

Дали нивните „зацртани“ животни врвици значат споделување со различните стручни и професионални определби на Пламен и Бисера, исто така како самотни сопатници?

Значи ли тоа дефинитивно неверување како  млади во подобро утре во нивнава држава, односно дека собитијата, кои секако ги доживуваат директно или индиректно, неминовно водат и ќе доведат до нејзино конечно разнебитување?

При секој обид да си одговори, Славка најмногу инсистира на она што кај неа отсекогаш предизвикувало и предизвикува посебна почит; познатото, може и најпознато за Пламен и Бисера, а што, познавајќи ги и, следејќи ги, сигурно се однесува и на Ѕвездана и Апосотол: во тесниот семеен, но и во поширокиот семејно-пријателски и деловен круг се познати како посветени на знаењето, доследни, решителни мислечки личности и профилирани експерти во своите области. Врз кои власта, особено актуелнава не може да влијае на каков било начин.