14. Бисера во Монтреал

Бисера имаше две недели за подготовка откако ѝ се јави агенцијата-застапник на Невролошкиот институт при Универзитетот Мекгил за да ја информира дека нејзината преселба е детално организирана-од резервиран авионски билет до стасувањето и пречекот на аеродромот во Монтреал „Пјер Елиот Трудо Интернационал“. Постојано ќе ја придружува нејзин претставник.

Веќе знаеше доста, може да се рече доволно за Монтреал, Квебек, Канада и институтот кој ја ангажира. Знаеја и Пламен и Ѕвездана и Апостол, но до денот на трнување интензивно на сајтови на Интернет дознаваа и сознаваа, разгледуваа и откриваа многу интересни нешта-видео-клипови, патеписни репортажи, туристички понуди, можностите за работа-компании соодветни на нејзината стручност, како и за професионално усовршување. Многу знаења и одговори на прашања добија и од пријателки и пријатели кои со години работат и живеат, оформиле семејства во Канада.

Заедно заклучија дека преостануваат непосредното доживување и прилагодувањето.

Штом слета и излезе од аеродромот, на Бисера воопшто не ѝ изгледаше дека стасала во незнајна земја, во непознат град. Се ѝ изгледаше како веќе видено. Ист ритам на секојдневјето како во секој мегалополис: уличен метеж, брзаница на луѓе, густ сообраќај, џагор, весели, сериозни и загрижени лица, срдечни средби, прегратки, бакнежи. Да, сосема различно од Македонија, од Скопје; кај што политиката, поточно квазиполитиката и политикантството секојдневно го уништуваат животот, најнапред унижувајќи го.

Се смести во однапред обезбедениот двособен стан во квартот Вил Мари, во центарот на градот, договори утрешна посета на Невролошкиот институт и први работни договори, па спокојна и задоволна направи план за постапно доживување и прилагодување. Први на „листата“ за посета ги стави планината Монт-Ројал и Стариот Град.